На денешен ден пред точно една година поранешниот македонски премиер Никола Груевски ја напушти Македонија како резултат на притисокот од политичкиот прогон и хајката која со месеци се водеше против него преку партиското и клиентелистичко судство и обвинителството.

Груевски тогаш објави дека има информации за планирана физичка ликвидација по неговото ставање во затвор, што подоцна и се поткрепи со нападот врз пораншните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, кои беа претепани во истражниот затвор во Шуто Оризари, каде што требаше да биде приведен и самиот тој. Во тој период, четвротица осуденици од случајот „Диво Насеље“ преку „Фејсбук“ објавија дека секој министер од владата на Груевски го чека истата судбина, а него ќе го бараат и најдат макар на крајот на светот, со што отворено ги потврдија информациите за можната ликвидација на поранешниот премиер.

Само неколку дена подоцна, на Груевски му беше одобрено барањето за политички азил во Унгарија, во кое беше наведено дека Груевски е цел на политички прогон од страна на македонската Влада, но и фактот дека во десетте години како премиер на Република Македонија, Груевски бил заслужен за серија акции против организирани криминални групи, при што голем број криминалци се уште се наоѓаат во затвор. Во овие околности, било очекувано дека тој може да биде цел на нивни напади доколку биде испратен во затвор.

Канцеларијата заклучила дека, доколку се врати во Македонија, Груевски ќе биде изложен на прогон од страна на власта поради неговите политички активности.

Весникот кој ги објави деталите од одлуката на унгарските власти ги наведува и сериозните забелешки за судството во Република Македонија, нотирани во извештајот на Европската комисија од 2018 година, како и во други релевантни извештаи. Било разгледувано како судските случаи биле доделувани на одредени судии за кои се смета дека биле под политичко влијание. Именувањето на новиот претседател на Кривичниот суд во Скопје, забрзувањето на петте процеси што се водат против Груевски, одбивањето на Грција да ги екстрадира Горан Грујевски и Никола Бошковски, кои исто така се обвинети од страна на СЈО, однесувањето на судијката Добрила Кацарска во случајот со набавката на блиндираниот „мерцедес“ и брзината со која биле носени решенија против Груевски, се само дел од примерите кои биле разгледувани.

Унгарија само го потврди она на што самиот Груевски, ВМРО-ДПМНЕ, но и многу политички експерти предупредуваа – дека одлуката да биде осуден не беше на судот, туку на власта, а „Кацарска судството“ одржа фарса судење со одлука однапред донесена од оние кои стоеја зад политичкиот прогон. Ова беше потврдено и од Комисијата за заштита од дискриминација која издаде мислење дека Груевски беше предмет на директна дискриминација од политички мотиви од страна на основниот суд Скопје 1 и од страна на судијката Кацарска.

Дека Македонија се наоѓа под режим на Заев и власта на СДСМ, која управува со правосудниот систем и монтира судски процеси по нарачка, потврдија и уште две членки на Европската унија, Шведска и Грција земји членки на Еу издадоа политички азили за политички прогон на други лица од Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.