Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за Радио „Македонски корени“ од Сиднеј посочи дека време е за морална вертикала бидејќи граѓаните поради лошите искуства со лошите политики на оваа влада ја изгубија довербата во политичарите.

Знаете кога разговарате со граѓаните во Македонија како политичар, не зборам како универзитетски професор и како човек, туку како политичар кога разговараме за политиките две работи генерално може да слушнете. Мислам слушате многу работи но кога би ги обединиле сите тие, две работи се најприсутни помеѓу нашите сограѓани. А, тоа е дека ние политичарите практично сме луѓе кои најчесто не ја говориме вистината или брутално народски кажано сме лажговци. И втората работа е дека ние сега ги лажеме нашите сограѓани со една цел да дојдеме на власт и практично да почнеме да крадеме, дека сме крадци. Значи или сме лажговци или сме крадци, Мицкоски го објасни размислувањето на граѓаните за политичарите поради лошите искуства со оваа криминална власт.

Мицкоски додаде дека ова размислување кај граѓаните е и резултат на  сите они порази кои што ни се случуваа изминативе овие 28 години од независноста на Македонија, поради тоа денеска се присутни помеѓу нашите граѓани.

Единствен начин ние да ги убедиме нив дека ние сме различни, дека имаме поинаква цел во нашата политичка кариера е да се држиме до принципите и до моралната вертикала. Што значи таа морална вертикала, доколку партијата, централниот комитет во случајот на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука за кандидат за мандатар човек кој што утре после изборите и после изборната победа и се обиде да формира влада се разбира биде тоа и тоа лице, тогаш тоа и тоа лице излегува на избори нуди политика. И доколку таа политика победи тогаш тој ја составува идната влада. А, доколку таа политика биде поразена од граѓаните не треба да го користи Парламентот како алатка и да се крие позади пратеничкиот мандат, или позади имунитетот кој што му го овозможува тој пратенички мандат, истакна Мицкоски.

Мицкоски објасни дека е многу едноставно, ако вие сте кандидат за мандатар, доколку тој ја добие довербата од Централниот комитет, да биде кандидат за мандатар предложен од ВМРО-ДПМНЕ. И убеден дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на следниве предвремени парламентарни избори ќе ја формира владата. Доколку опонентот СДСМ изгуби на тие избори, тогаш логично е нивниот кандидат за мандатар да ја напушти челната позиција бидејќи неговите политики се поразени. И да не го користи како парашут, како алатка пратеничкиот имунитет и пратеничкиот мандат.

Ние мора преку личен пример да покажеме на морална вертикала, тоа е целта на нашиот предлог и тоа нашата сестринска партија, нашата народна партија го применува на секои избори и тоа се нарекува шпицен кандидат за претседател на комисијата или во нашиот случај адаптиран на нашите домашни специфики тоа би било кандидат за мандатар, заклучи Мицкоски.

 

ВМРО-ДПМНЕ го почитува законот, Изборниот законик и Уставот, а тоа подразбира 100 дена техничка влада пред избори

Во истото интервју Мицкоски посочи дека политиката на ВМРО-ДПМНЕ се темели врз принципи и аргументи. А, тоа значи почитување на  закон, Изборен закон, Устав и затоа пред избори требаше да има 100 дена техничка влада.

Доколку водите политика на принципи и аргументи тогаш морате да ја водите така, а не можеме ние сега да водиме политика на декларативно на принципи и аргументи, а кога нас ни одговара тогаш да ги кршиме ние. Некогаш ќе добивате на таков начин, а некогаш и ќе губите. Доколку ние велиме наш принцип за почитување на законите и со тоа нема компромис, тогаш нема дилема дека ние мора да имаме техничка влада 100 дена пред избори, заклучи Мицкоски.

Мицкоски додаде дека Заев на тие разговори кај претседателот Пендаровски кажал дека нуди опција да бидат на крајот на декември изборите и дека нема тогаш да се оди со техничка влада. На тоа тој како претседател на ВМРО-ДПМНЕ рекол дека не може да се оди крајот на декември месец со избори доколку веднаш не се оди со техничка влада. 100 дена од тоа веднаш тогаш може избори да има. И тоа се паѓање крајот на јануари почеток на февруари, а тоа не одговараше на останатите политички субјекти и затоа решението беше за 12 април следната година. 3 јануари е денот кога треба да се формира техничката влада.

Така што мора да се остане во животот на принципите, ако сакате да покажете дека сте различен од другите политичари кои што ги злоупотребуваат принципите. И во насока на тоа да добиваат или да губат поддршка од страна на гласачите. Ние имаме јасна политика, политика која што се темели на принципи и аргументи односно почитување на законите и Уставот. И со тоа нема компромис. Така што ние само го почитуваме законот, Изборниот законик и Уставот, а тоа подразбира 100 дена пред денот на гласање односно избори техничка влада, односно 60 дена максимум распуштање на парламентот согласно Уставот пред денот на гласање кое што ќе биде 12-ти април 2020 година, истакна Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ ќе го врати  изгубениот морал кај македонските граѓани и љубовта кон Македонија

На прашањето дали е подготвен за тотална промена на македонското општество да се постави на вистинските вредности за да се крени изгубениот морал тој децидно одговори дека апсолутно е подготвен и затоа на сите собири на ВМРО-ДПМНЕ за тоа се говори.

Тоа го зборуваме на нашите собири, а тој е дел опфатен во македонизмот, во третиот столб, така што ни е мотив да вратиме изгубениот морал кај македонските граѓани, да ја вратиме љубовта кон Македонија, оптимизмот, надежта дека можеме поинаку. И ќе покажеме и докажеме дека можеме поинаку, нагласи Мицкоски.

Голем дел од погрешните политики на Заев ќе бидат санирани од страна на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека едно е сигурно, а тоа е дека на 12-ти април ВМРО-ДПМНЕ ќе издвојува голема победа. По победата на ВМРО-ДПМНЕ, ќе формира влада со која што ќе се обидат да ги санираат погрешните политики кои ги наметна и донесе Зоран Заев.

ВМРО-ДПМНЕ победува на 12 април и тоа е единствено што е јасно и тука нема никакви дилеми. Македонија поминала многу премрежја во нејзиното минато, во нејзината историја, ќе го помина и Зоран Заев. А, тој ќе заврши многу брзо на темната страна на заборавот, како да не се случи. Но за жал и самите констатиравте дека ќе остави голем број последици по македонското општество, и по граѓаните, истакна Мицкоски.

Мицкоски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ има план, има визија и знае како да се справи со сите предизвици.

Јас сум убеден дека голем дел од овие погрешни политики ќе бидат санирани од страна на новата влада, нагласи Мицкоски.

За разрешница на случајот „Рекет“ потребно е вистинска правда, а не судски театар

За радио „Македонски корени“ од Сиднеј Мицкоски посочи дека на обвинителната клупа за случајот „Рекет“ треба да седнат инспираторите, сценаристите и организаторите.

Ова е само еден од низата криминални и коруптивни случаи кои што се случија во минатото, а ова е само еден од таа низа. Очекувам навистина да сторителите на ова грозоморно рекетирање и уценување да бидат изведени пред лицето на правдата. Тука пред се не мислам на оние лица кои што се онаму на обвинителната клупа туку на инспираторите, сценаристите и организаторите на сето ова кои што се уште не ги видовме на обвинителната клупа, заклучи Мицкоски.

Мицкоски додаде дека трпението доаѓа до крај, очекува да види вистинска правда, вистинска разрешница на овој случај, а не судски театар. Но сепак останува процесот да го доживее својот крај па тогаш да се коментира.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.