Доколку Европската Унија сака поголема стабилност во своето соседство, тогаш потребна е кредибилна европска перспектива за Западен Балкан, заснована на систем на заслуги. Таа перспектива ризикува да стане заморна и неатрактивна за нас како земји кандидати доколку потфрли и не ги испочитува темелните вредности врз кои е градена Унијата кои во прв план го ставаат просперитетот, мирот и безбедноста на сите граѓани на континентот. Ова го истакна претседателот на Собранието Талат Џафери во своето обраќање на 10-ти Состанок на спикери на парламенти од земјите од Југоисточна Европа за проширувањето.

Џафери изрази благодарност за традиционалното одржување на овој настан на највисоко парламентарно ниво во организација на Унгарското национално собрание и претседателот Лазло Ковер. Посочи дека тоа е уште еден доказ за заложбите на Република Унгарија во изминатите децении за наше забрзано и целосно европско и евроатланско интегрирање. Тоа,како што рече, е наш заеднички интерес доколку се има предвид фактот што се потенцира во повеќе наврати од страна на високи европски политичари.

Џафери потсети дека неодамна во нашата држава беа во посета француски сенатори и додаде оти предочил на актуелната ситуација на терен.

Паралелно со високиот процент на граѓани кои се за влез во Европската Унија и непоколебливиот политички консензус, имаме сразмерно високо разочарување затоа што секое ново шестмесечно одлагање на почетокот на преговори, нам ни ги скратува можностите да напредуваме во тие преговори и да работиме уште помотивирано на европската агенда. Франција, како иден претседавач со Советот на ЕУ, несомнено ќе ги поддржи нашите аспирации, а ние секако сме тука да им помогнеме за проширувањето, не само да стане еден од приоритетите на француското претседавање, туку да биде фактичка реалност преточена во старт на првата меѓувладина конференција со Европската Унија – рече Џафери.

Според него, проширувањето како геостратешка инвестиција носи долгорочни инвестиции за Унијата во повеќе аспекти, односно во политичка, безбедносна и економска смисла.

Македонија постигна импресивен напредок на полето на спроведување на пакетот клучни реформи, а со потпишувањето и спроведувањето на Охридскиот рамковен договор покажавме дека можеме да послужиме како модел за внатрешна кохезија, унапредување и негување на меѓуетничките односи. Верувавме дека со потпишувањето на Договорот со Бугарија и прифаќањето на сите предлози на претседателството на Европската Унија предложени минатата година, вклучително и предлогот од мај 2021 година, ќе го надминеме и спорот со Република Бугарија меѓутоа, за жал, одговорот од Бугарија е во сосема спротивна насока, комплетно го менува пристапот кон процесот, што е спротивно на напорите за зајакнување на довербата и непречениот политички дијалог – соопшти Џафери.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.