Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска ќе учествува на десеттиот состанок на претседатели на парламенти на земјите од Југоисточна Европа, посветен на проширувањето.

Kако што соопшти собраниската прес-служба, состанокот се одржува во Будимпешта и истиот традиционално се организира од страна на Собранието на Република Унгарија на секои две години.

На состанокот, покрај претседателите на парламентите од земјите од Југоисточна Европа, ќе учествуваат и претседателите на парламентите на земјите од Вишеградската група.

Предвидено е во воведниот дел на состанокот, свои излагања да имаат премиерот на Република Унгарија, Виктор Орбан, европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Вархели и претседателот на Собранието на Република Унгарија, Ласло Ковер, по што ќе следат обраќања на претседателите на парламентите на земјите од Југоисточна Европа, вклучително и обраќањето на претседателот Талат Џафери – се наведува во соопштението.

На состанокот е предвидено усвојување и потпишување на Заедничка изјава од страна на учесниците, која ќе биде испратена до националните парламенти на земјите членки на Европската унија и до лидерите на европските институции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.