Претседателот на Собранието Талат Џафери попладнево се сретна со еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување на ЕУ Оливер Вархеји.

Нагласувајќи дека посетата на еврокомесарот ја смета за поддршка на цврстата определба на државата да остане на европскиот пат и покрај застојот со кој се соочува, претседателот Џафери изрази надеж дека заедничките напори ќе резултираат со одлука за почеток на преговорите во март или мај оваа година. Тој подвлече дека и покрај големото разочарување од недонесувањето на одлука за старт на пристапниот процес по октомврискиот состанок на Европскиот совет, политичките чинители во земјата смогнаа сили и успеаја да останат фокусирани на стратешката цел на државата за полноправно членство во Европската унија. Тој понатаму истакна дека, иако причината за недобивањето на датум лежи во нерешените внатрешни прашања на самата Унија, политичките лидери на Република  Македонија решија да го вратат мандатот кај граѓаните и да ги повикаат да се изјаснат на предвремени парламентарни избори на 12 април 2020 година за понатамошниот пат на државата. Во периодот што следи, нагласи претседателот Џафери, напорите ќе бидат насочени кон одржување на транспарентни, фер и демократски избори.

Комесарот Вархеји истакна дека неговата прва посета надвор од Европската Унија е токму на Република Македонија поради тоа што државата направи најмногу за да ги оствари своите аспирации за европска интеграција и дека на овој начин тој оддава признание на тие напори. Тој информираше дека неговиот план е до март да се создадат можности за отворање на пристапните преговори со Република Македонија и Република Албанија и за таа цел новата методологија за процесот би била претставена до крај на месец јануари. Пакетот би содржел три столба и тоа методологија за целиот процес, отворање на пристапните преговори со двете држави и нов економски план за целиот регион. Комесарот за проширување Вархеjи нагласи дека на октомврискиот самит беше направена грешка и дека новата методологија е начин таа грешка да биде исправена.

Претседателот Џафери му се заблагодари на комесарот за сите негови напори за брзо усвојување на новата методологија и донесување заслужена одлука за почеток на пристапните преговори за Република Македонија што е можно поскоро и истовремено ги поздрави и напорите на Хрватска која како еден од приоритетите на своето претседавање со Европската Унија го поставува  обезбедувањето на поддршка од земјите членки за доделување на датум за нашата држава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.