На редовната понеделничка координација во Собранието ќе се разговара за тоа кога би можело да се одржи пленарната седница за Информацијата за содржината на предлог – преговарачката рамка за пристапните преговори со Европска Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на Европска Унија на 30 јуни 2022 година. Претседателот на Собранието Талат Џафери за МИА изјави дека за тоа ќе се разговара на координацијата на која како владин претставник ќе присуствува вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ.

В понеделник имаме координација на која ќе присуствува и владиниот претставник и ќе разговараме. Ќе се направи проценка. Материјалот е дојден во Собранието, но во понеделник треба да почне седницата за ребалансот на Буџетот, вели Џафери.

Појаснува дека пленарната седница со единствена точка на дневниот ред за ребаланс на Буџетот, треба да трае најмногу пет дена и е закажана согласно роковите и оти мора да почне, но доколку има потреба ќе биде прекината и ќе биде закажана нова седница на која на дневен ред би била Информацијата испратена од Владата.

Имајќи предвид дека до Собранието беше испратена само Информација, а не и документите односно францускиот предлог, Џафери вели дека сите документи се веќе јавно достапни и секој може да ги види.

Информацијата за содржината на предлог – преговарачката рамка за пристапните преговори Владата до Собранието ја испрати вчера. Согласно процедурите, материјалот е доставен до пратениците, но во него не се содржани францускиот предлог и пропратните документи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.