Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска изјави дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека засега брои 64 пратеници.

– Парламентарното мнозинство сега засега има 64 пратеници – рече на редовната средба со новинарите претседателот на Парламентот.

Прашан дали некој од пратениците на ДУИ го променил статусот во независен пратеник, Џафери рече дека нема такво известување до него и оти официјалниот статус е „пратеници на ДУИ“.

– Сечие право е да си го искаже својот статус како пратеник и во тоа има слобода. Нема известување. Официјалниот статус е пратеници на Демократската унија на интеграција – рече претседателот на Собранието.

Џафери не сакаше да ги коментира случувањата во неговата матична партија ДУИ.

– Ако е за партијата, јас стојам на страна на партијата. Јас сум вложил во создавањето на тој субјект – рече тој.

Џафери вели дека нема комуникација со опозицијата. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не доаѓа на редовните средби во понеделник, а како што кажа, претседателот на Собранието, немаат веќе ниту неформални средби бидејќи тие се злоупотребувале.

– Пленарната седница за одлуките за продолжување на кризната состојба ќе биде закажана утре – изјави Џафери додавајќи дека за одлуките треба да се гласа најдоцна до полноќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.