Претседателот на Собранието Талат Џафери имаше средба со новата амбасадорка на Швајцарија во Република Македонија, Вероник Улман Марти на која истакна дека двете земји ги поврзува искрено пријателство, засновано на соработка и меѓусебно почитување.

Како што се наведува во соопштението од Собранието, Џафери потенцирал дека во Швајцарската Конфедерација, Македонија гледа голем и искрен сојузник во процесот на остварување на надворешно политичките приоритети на земјата.

Џафери, исто така, го поздравил трудот и посветеноста на Швајцарската Амбасада кој е претставник на швајцарската Влада за Проектот „Програма за поддршка на Парламентот“, кој има за цел да обезбеди инклузивно и поефикасно функционирање на институцијата, односно целокупно институционално јакнење, унапредување на законодавната и надзорната функција и овозможување на соодветен пристап и транспарентност во работата на Собранието на Република Македонија за граѓаните и граѓанските организации, особено маргинализираните групи, преку зајакната транспарентност и отчетност.

Џафери искажал подготвеност и во иднина да ја поддржува парламентарната соработка на двете земји на сите нивоа, и во таа насока, упати возвратна покана до претседателот на Сојузниот Парламент на Швајцарската Конфедерација, во взаемно прифатлив период и штом го овозможат тоа околностите и ситуацијата со Ковид-19.

Амбасадорката Улман, констатирајќи дека односите на двете земји се одлични, нагласила дека Република Македонија станала еден од најважните партнери за соработка на Швајцарската Конфедерација, а клучниот елемент во билатералните односи е Швајцарската програма за билатерална соработка.

Новата програма за соработка беше одобрена на почетокот на оваа година. Истата се фокусира на инклузивно демократско владеење, вработување и одржлив економски развој, како и на животната средина и одржливите јавни претпријатија – порачала Улман.

Таа ставила особен акцент на приоритетите во реформирањето на Собранието на Република Македонија за да биде поефикасно, пофункционално, особено во однос со јавноста, се посочува во соопштението.

Имајќи предвид дека нема отворени прашања меѓу двете земји, соговорниците изразиле лично уверување дека и во наредниот период ќе се продолжи во истата насока на зајакнување на взаемните односи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.