Заедничките стратешки определби и цели на Македонија и Косово во однос на надворешната политика даваат гаранција дека ќе продолжи праксата на негување на добрососедските односи, констатирале денеска на средбата во Собранието, спикерот Талат Џафери и претседателот на Демократската партија на Косово, Мемли Красниќи.

Како што соопштија од Собранието, Џафери на средбата се осврнал на актуелната политичка ситуација во државата и го запознал гостинот со тековните активности во Собранието, нагласувајќи ја важноста од постојаната комуникација со опозицијата и одговорноста која што опозицијата ја има за напредокот на државата, подвлекувајќи ја улогата на претседателите на Комисиите и нивната улога во процесот на донесување на закони кои се пред се придобивка за граѓаните.

Во однос на билатералната соработка Џафери подвлекол дека билатералните односи се карактеризират со меѓусебна поддршка и почитување, отворен и конструктивен дијалог. Доказ за тоа се бројните меѓусебни посети и средби на претставници од двете пријателски земји и одржувањето на заедничките седници на владите на Македонија и Косово.

Во сферата на мултилатерална соработка, претседателот Џафери истакнал дека нашата држава има афирмативен став за пристапување на Република Косово кон сите мултилатерални и регионални иницијативи и форуми.

Македонија го поддржува дијалогот Приштина – Белград во насока на постигнување конечен, взаемно прифатлив договор, со кој ќе се гарантира мирот, стабилноста, безбедноста и напредокот на двете земји и на регионот во целост – нагласил Џафери.

Господинот Красниќи се заблагодарил за можноста да се сретне со претседателот Џафери во рамки на неговата посета на Македонија и да ги продолжат разговорите кои ги почнаа на средбите во текот на официјалната посета на Џафери на Косово.

Красниќи истакнал дека слобода на движење на граѓаните и добрата, можностите за отворање бизниси во двете држави и генерално добрите бизнис можности се суштината на односите меѓу Косово и Македонија, а истите секако произлегуваат од солидните темели во форма на закони и регулативи кои ги усвојува Собранието.

Во однос на безбедноста и стабилноста на регионот, Красниќи нагласил дека ефектот на отворањето на пристапните преговори со Европската Унија се чувствува и во Косово, затоа што пристапувањето на Македонија и Албанија во Унијата ќе значи поголема безбедност, стабилност не само за двете држави туку и за регионот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.