Претседателот на Собранието во заминување Талат Џафери утре ќе претседава со конститутивната седница на Собранието, потврдија од неговиот кабинет.

Претседателот Џафери излезе од болница и е во многу добра состојба и утре тој че ја води седницата, информираат од кабинетот на Џафери.

Претходно денеска тој изјави дека се чувствува добро и дека веќе е извесно дека ќе претседава со конститутивната седница утре. Тој денеска ја напушти Инфективна клиника каде беше сместен од 24 јули, а неколкуте последователни тестови на ковид биле негативни.

Собраниските служби, пак, информираа дека со оглед на новонастанатата состојба со пандемијата Ковид-19 и во согласност со препораките од Комисијата за заразни болести, Конститутивната седница ќе се одвива според протоколи и критериуми коишто се утврдени во претходна координација со претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски, со единствена цел да се намали ризикот од евентуално ширење на заразата од коронавирусот.

На пратениците, на гостите и на претставниците на медиумите при влезот во зградата на Собранието ќе им биде мерена телесна температура, по што ќе им биде овозможено да влезат во зградата. На сите влезови ќе бидат обезбедени средства за дезинфекција.

Бидејќи станува збор за вонредни околности и е неопходно одржување на задолжителна физичка дистанца меѓу пратениците, Конститутивната седница ќе се одржи во Големата сала на Собранието, односно во салата позната во јавноста како Голема купола. Пратениците ќе бидат на соодветна дистанца и ќе им биде обезбедена заштитна опрема.

Гласањето на седницата ќе се одвива рачно (со картончиња), а од седницата ќе има директен пренос на Собранискиот канал на Националниот радидифузен сервис МРТ.

Пренос од Конститутивната седница гостите ќе следат од пленарната сала „Македонија“, каде што ќе биде обезбедена неопходната физичка дистанца.
Во текот на денот, во сите простории каде што има активности, по нивното завршување ќе се прави дезинфекција.
Во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести и за претставниците на медиумите ќе важат одредени протоколи за следење на Конститутивната седница, со цел да се намали ризикот од ширење на коронавирусот.

По завршувањето на седницата, изјави ќе можат да се дадат во Кристалната сала на Собранието на Република Северна Македонија, каде што за таа цел ќе бидат обезбедени соодветни технички услови и соодветна физичка дистанца.
Во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести, во Собранието на Република Северна Македонија нема да работат Клубот на пратениците, ресторанот и бифето што се наоѓа во Прес центарот.
Со цел да се обезбеди поголема здравствена заштита, а со оглед на тоа дека станува збор за голем настан, кој ќе се одвива во затворен простор, на сите присутни во зградата им се препорачува да го лимитираат движењето низ зградата и постојано да носат заштитна маска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.