Претседателот на Собранието, Талат Џафери, и делегацијата во чиј состав се координатори на пратеничките групи, оствари средба со претседателката на германскиот Бундестаг, Бербел Бас. На средбата Претседателот Џафери се заблагодари за постојаната и континуирана поддршка на Бундестагот во последните пет години преку споделување на искуствата во сферите во кои што беа потребни реформи во насока на осaмoстојување на законодавната власт во Македонија.

Бас го поздрави усвојувањето на Декларацијата за Украина и приклучувањето на Македонија на санкциите против Руската Федерација иако не е членка на ЕУ, чекор со кој повторно се покажува зрелоста на државата и нејзијана јасна определба за членство во Унијата. Во овој контекст Џафери искажа увереност дека државата ќе добие датум за отворање на пристапни преговори со Унијата на Самитот во јуни. Претседателката Бас одговори дека и на лично и на институционално ниво ќе стори сѐ за да се реализира оваа заложба и се осврна на билатералното прашање со Бугарија, искористувајќи ја директната средба за да постави конкретни прашања во врска со билатералниот спор.

Претседателот Џафери информираше за повеќе аспекти на наметнатиот билатерален спор од страна на Бугарија и покрај потпишаниот Договор за добрососедство, и нагласи дека недозволиво е за една држава да влијае или да му укаже на друг народ какво лично, национално или јазично чувство треба да има, затоа што ваквото чувство не е предмет на договор; дополнително, никој не успеал да ја поправи или смени историјата, но многумина успеале да се надминат себеси и да се свртат кон иднината.

Посетата е во рамките на програмата за парламентарна поддршка на Собранието финансирана од швајцарската амбасада и имплементирана од НДИ, а со цел продолжување на процесот за осамостојување на собраниското обезбедување.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.