Денес на плоштадот во Куманово СДС им го честиташе празникот на граѓаните – на православните Св. Кирил и Методиј, а на муслиманите Рамазан Бајрам. И тоа 5 минути пред другите. Им делеше заштитни маски и флаери со образовна содржина. За правилата и протоколите за постапување во кризната ситуација со коронавирусот, пишува на Фејсбук Перица Спасовски.

По она што кумановчани имаа можност да го видат од постапувањето на самите функционери на СДС, меѓу кои и техничкиот премиер, ниту една мерка од строго препорачаните не беше почитувана. Значи флаерите се непотребни, без содржина. Не се почитува ниту задолжително носење на заштитни маски, ниту дистанца од 2 метри, ниту пак собирање во групи од максимум двајца. Да не зборуваме за криминалното групирање на повеќе од 5 лица на едно место. Штандовите за делење на флаери и за сликање со познатите, беа полни со луѓе.
Значи ова е огромна можност за градоначалникот Максим да си поентира на сметка на своите, па да им ја заврати со по една кривична пријава на сите оние што така фино го „наместија“ на 15-ти април. Е сега само дали ќе има доблест и храброст истото да го направи, ќе си зависи лично од него.

Наќе Чулев исто ја има можноста за „одмазда“. Струшката литија може да им се врати по грбот на СДС и кривичните пријави можат да бидат 1-1. Само повторно прашање дали ќе се реагира по исти аршини. Или како за сѐ досега-сѐ ќе зависи од сторителот.

Утре ќе имаме дводневен карантин како честитка до граѓаните од нашата Влада, и тоа наводно да се сузбие вирусот. Веќе денес правиме сѐ она што ни е забрането, со изговор дека карантинот ќе помогне вирусот да не се рашири. Имаме среќа што вирусот се шири само во времето кога нашата Влада ни поставува карантин и полициски час. Па вирусот уште во старт е оневозможен да ни го зафати населението. Што ќе ти е Влада која предвидува и реагира навреме.
А дополнително, што ќе ти е Влада која ги казнува граѓаните, а самата не почитува ништо од тоа. Буџетот го наполнија од казните за граѓаните поради неносење маски, неодржување дистанца и ситни такви поведенија, а тие си шетаат по маркети и продавници, се групираат по седенки и на партиски собиранки и никој за ништо не одговара. А ваму, го испокараа народот меѓусебно кој ја шири заразата, а кој е на првата линија на одбраната.

Значи двојното лице на Владата се гледа на секој чекор. Е сега, кој сака да гледа со очите ширум затворени, а кој сака да ја види реалноста и кога боли? Времето ќе покаже, пишува Спасовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.