Во Основниот суд Скопје 2 денеска продолжи судскиот процес Вице Заев против потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски за наводна клевета. Во судницата овој пат се појави Вице Заев, кој како тужител беше распитан од страна на Николоски со цел да се докаже дека се работи за јавна личност и бизнисмен кој станува главен бизнис-фактор во државата.

На прашања на Николоски братот на премиерот потврди дека е сопственик на две компании, „Тотал инженеринг“ и „Тотал електрик“, акционер во две фирми во Струмица и дека има капитално-поврзани друштва. На прашањето дали на аукција за земјиште што ја прави неговиот брат Зоран Заев тој потпишал договор од 2 милијарди денари, а бизнис-партнерот на Заев Саше Брневски се стекнува со 8 парцели за 700 илјади евра, Вице Заев потврди дека е точно, но бројкте се многу различни. Исто така, Вице Заев потврди и за бизнисот со канабис кој го отвори со брата си Зоран, за тендер со градоначалникот Петре Шилегов и многу други.

Во врска со негирањето на Вице Заев дека е јавна личност, тужениот Николоски во судницата прочита наслови од две негови интервјуа во “Фактор магазин” и “Независен весник”.

Дали луѓе кои не се јавни личности е нормално да даваат интервјуа. Вашиот адвокат рече дека не сте јавна личност, рече Николоски.

Основата на одбраната на Николоски, како што изјави тој е членот 10 од Конвенцијата за заштита на човековите права и слобода на изразување.

Јавна личност е изложена на критики и секогаш треба да биде спремна на тоа, заврши Николоски.

На следното рочиште на 12 април, ќе се презентира цд-то со изјавата на Николоски и ќе се изведуваат завршните зборови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.