Во зградата на Министерството за политички систем и односи на заедниците, инаку предводено од првиот вицепремиер Артан Груби, се вселија уште четири институции, од кои повеќето се формирани на иницијатива на ДУИ во изминатиот период, објави Фактор.мк.

Владата со одлука на седница им додели нешто помалку од 1.000 метри квадратни во новата зграда која порано беше на АДСДП.

Во истата зграда со одлука на Владата се сели Ансамблот на албански народни ора и песни во Република Македонија, инаку формиран во 2018, на кого на трајно користење на вториот кат му се доделуваат шест канцеларии со површина од 144,5 метри квадратни.

Агенцијата за примена на јазикот кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, формирана во 2019, добива најголем простор – 306,5 квадратни метри, односно осум простории кои до сега на третиот кат му припаѓале на Министерството за политички систем.

На Инспекторатот зз употреба на јазиците, кој инаку е под надлежност на Министерството за правда, на првиот кат му се доделуваат седум канцеларии од 257 метри квадратни, од кои најголемата има 87 м2. На Агенцијата за остварување на правата на заедниците му се даваат 306 метри квадратни на првиот кат со седум канцеларии, од кои најголемата има 137,5 метри квадратни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.