Ниту една од есенцијалните одлуки во државата да не може да помине без консензус, односно со надгласување. Ова е една од петте резолуции усвоени на седницата Централното претседателство на ДУИ во седиштето во Мала Речица. Како што брифираат за „Плусинфо“ од партијата, консензуалната интеграција ќе се однесува на интеграција на општеството, на регионот и на ЕУ и на НАТО, како и на развојните, економските, буџетските и политиките за надворешни работи.

Мора како еднакви да се интегрираат Македонците и Албанците во општеството, вели висок функционер на ДУИ за „Плусинфо“.

Според партијата консензуалноста се покажала како успешна политика која ја туркаат интегративците и потсетуваат дека буџетот не може да помине без консензус од албанскиот партнер во власта, дека ги истуркале и проектите за консензуален претседател на државата, како и дека во неколку општини со СДСМ предложиле консензуални градоначалници на последните локални избори.

Од ДУИ велат дека ова нема да значи барања за законски измени, туку дека не ќе може да се донесе ниту една битна одлука за општеството еднострано, без да се праша и албанската страна. Како пример се наведува последната ситуација со забелешките на Венецијанската комисија за Законот за јазиците и ставот на ДУИ дека ќе нема промени на законот, односно дека за нив се неприфатливи еднострани одлуки.

Покрај консензуалната интеграција, резолуциите кои денеска добија виза од Централното претседателство се ветинг, квалитет на живот, работа и развој и млади, За резолуциите ќе се отвори дебата со академската заедница по што тие ќе треба да поминат на Конгресот на ДУИ кој ќе се одржи на 21 декември, за потоа да бидат преточени во програмски определби на партијата и во изборна програма со која интегративците ќе настапат на предвремените избори во април догодина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.