Случајот со меѓусебните обвинувања на градоначалникот Блерим Беџети и Зоран Заев за ургенции и влијание во Судскиот совет е конкретен доказ за мешањето на владата во судството, рече вечерва пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој учествува во ТВ-дуел со вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи на Алсат-М.

Доколку Заев му ургира на градоначалникот на Сарај да влијае на ставот на дел од членовите на Судскиот совет, тогаш тоа е злоупотреба на службената потреба и поттикнување во извршување на незаконито дело. Но, наместо ова да биде пријавено од страна на Блерим Беџети во обвинителство, во меѓувреме ДУИ и СДСМ се договориле кој да биде в.д. претседател на Врховниот суд и сега проблемот веќе не постои, нема меѓусебни кавги и обвинувања, рече Милошоски.

Милошоски рече дека Заев е свесен дека ако се покрене една постапка против функционер на ДУИ владината коалиција ќе падне, а ДУИ вешто ја користи својата позиција, користејќи една реторика за европските уши, а друга дома.

И тука и ДУИ е дел од проблемот, а не дел од решението, бидејќи ДУИ цело време својата политичка моќ ја користи за да стави свои кадри во судството и обвинителството. Сега кога имаме девијации во судството и обвинителството и дека политичката моќ ги заштитува СДСМ и ДУИ од обвинителите и судиите, а има прогон само на луѓе од опозицијата, испаѓа дека има селективна правда. И комуникацијата и репликите на Блерим Беџети, висок функционер на ДУИ, и премиерот Заев, најдобро го отсликува односот на СДСМ И ДУИ кон судството, кога немаат договор за нешто меѓусебно се обвинуваат за проблемот, а откако ќе се договорат за нешто повеќе никој никого не обвинува за судството, додаде тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.