Со дијалог помеѓу претставници на Министерството за образование и наука, бизнис заедницата, општина Куманово и средните стручни училишта под надлежност на оваа локална самоуправа денес започна нов циклус од кампањата „Учи паметно, работи стручно“. Станува збор за кампања која МОН ја спроведува со поддршка од амбасадата на Швајцарија, а чија цел е креирање на уписна политика за средно образование што ќе одговори на потребите на стопанството и ќе овозможи поголема промоција и унапредување на квалитетот на средното стручно образование.

На оваа прва од серијата регионални средби што ќе се организираат овој и следниот месец, присуствуваше и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој рече дека досега кампањата се покажала како исклучително ефективна и затоа, заедно со швајцарската амбасада е одлучено истата да продолжи да се имплементира и понатаму, а со крајна цел усогласување на образованието со пазарот на трудот во државава.

„Кампањата нуди инклузивен пристап за креирање на уписните политики, со учество на сите засегнати страни. Имаме можност да ги слушнеме потребите на бизнис заедницата во секоја општина за стручниот кадар кој им недостасува, но и да ги вклучиме компаниите во едуцирањето и обучувањето на новите генерации, односно на потенцијалната работна сила. Дел од потребите се задоволени во изминатите три години, колку што се спроведува кампањата, но овој дијалог мора да има континуитет“, рече Шаќири.

Тој информираше дека благодарение на „Учи паметно, работи стручно“ во изминатите три години значително е проширен концептот на дуално образование кој се базира на учење преку работа и дава голем придонес во подигнувањето на степенот на вработливост.

Почнавме со 11 дуални паралелки со 98 ученици, а сега имаме 225 дуални паралелки со 3300 ученици. Ако на почетокот само 16 компании учествуваа во реализација на овој концепт, денеска имаме 450 компании кои ги едуцираат младите директно на работно место во нивните организациски структури. Пристапот им одговара на сите и затоа повторно ги повикувам општините да му посветат внимание на овој процес, да се вклучат што повеќе компании во дискусиите и секако, до идните средношколци апелирам да дадат предност на стручното образование при изборот на училиште каде ќе продолжат да се едуцираат. Тоа им обезбедува поголема веројатност за вработување и постабилна иднина на младите, рече Шаќири.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.