Државниот завод за статистика ја демантира изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, искажана на прес-конференција дека Државниот завод фабрикува извештаи по нарачка на Владата и ваквата изјава ја нарекува неточна и лажна.

Државниот завод за статистика е професионална и независна институција, чија што работа е под постојан мониторинг и евалуација на Евростат, додека пак економските и монетарните статистики истовремено се и под мониторинг на ММФ. Поради изнесените клевети, Државниот завод за статистика ќе поднесе тужба за клевета до Мицкоски и до ВМРО-ДПМНЕ“ соопштуваат од Државниот завод за статистика.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски на прес конференција одржана минатата недела на која ја критикуваше Владата за економската политика рече дека до нив доаѓале „ разно разни сведоштва од вработени сегашни, но и поранешни вработени во рамките на Заводот за статистика за фабрикување и испорака на резултати кои претходно се диктирани на Илинденска бр 2, а со цел да се стекнат со подобри стартни позиции до делот на обезбедување на средства за буџетот, но и за други политики кои ги води оваа влада.

Навистина тоа е загрижувачки, јас во едно интервју кажав дека ако ова се потврди, а следната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ сериозно ќе се позанимава со ова. Ова не е срам и измама само за граѓаните на нашата држава, ова е срам и пред меѓународните реномирани институции, кои од тој Завод за статистика добиваат навигација за определување на кредитниот рејтинг, а кредитниот рејтинг го користат исто овие странскиве инвеститори покрај Извештајот на Светската банка „Doing Business“ дали да инвестираат дали да позајмат пари на нашата држава итн. Тоа претставува една класична измама која што ние како идна влада која што ќе ја формираме детално ќе истражиме“ кажа Мицкоски на прес конференција.

Во однос на Пописот на население, домаќинства и станови, од Државниот завод за статистика велат дека согласно меѓународната пракса и искуство, пописните и изборните активности не можат да се одвиваат паралелно.Поради изборите, Државниот завод за статистика ќе даде предлог до Министерството за правда, кое е официјален предлагач на Законот за попис периодот на спроведување на Пописот да се пролонгира за април 2021 година, а Законот да биде донесен пред формирање на техничката Влада.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.