Власта им објави војна на лажните вести, пропагандата и дезинформациите.

Во воведното обраќање на состанокот министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, укажа и на фактот дека Република Северна Македонија во изминатите две години во повеќе наврати се соочи со масовно ширење на лажни вести и дезинформации, и на сознанијата дека дел од дезинформациите биле споделувани и од териториите на други држави.

Оваа акциска група ќе служи исклучиво за координација на активностите на државните институции и ќе биде на располагање за континуирана координација со останатите чинители на општеството кои даваат свој придонес или имаат водечка улога во борбата со дезинформациите, истакна министерот Поповски.

Премиерот Заев на првиот состанок на акциската група која ќе го координира овој проект порача дека трендот на ширење на шокантни вести и невистини ја поткопуваат не само демократијата туку шират нетрпеливост внатре во државата и во регионот.

Како пример наведе дел од дезинформациите за Договорот од Преспа, за кои што вели дека биле дел од кампања за да се дестимулираат граѓаните да излезат на гласање, за да се дискредитира референдумот за името.

За пошироката публика беше ширена и дезинформацијата дека Договорот и референдумот немаат поврзаност со влегувањето во ЕУ и НАТО и дека е можна интеграција на земјата во тие структури без промена на името. Односно, дека компромисот со Грција не само што е штетен туку и непотребен. Или пак, се сеќавате на една вест која тврдеше дека замислете ‘бугарски кран влезе во Македонија, ќе се отстранува споменикот на Александар Македонски’, после што мала група граѓани се собраа на плоштадот во Скопје да го бранат споменикот од бугарскиот кран. Денес сме сведоци дека сите тие така наречени вести – беа лажни. Имаа цел да манипулираат, да го вознемируваат населението, рече Заев.

Претседателот на Собранието Талат Џафери изрази задоволство што тој, и Собранието се дел од овој прв, толку неопходен чекор во оваа насока, и додаде дека оваа иницијатива е знак дека оваа негативна појава, односно дезинформирањето поттикна потреба од преземање на оваа конкретна акција.

Ме радува фактот дека сме собрани во ваков состав, тоа е знак дека оваа појава која не засегнува како држава е сериозно сфатена а од информацијата што беше споделена, можев да согледам дека е во процес и изработката на Акциски план за справување со дезинформациите и нападите врз демократијата на системско ниво со цел зајакнување на националната безбедност и сигурноста на граѓаните на Република Северна Македонија, и тоа го поздравувам, рече Џафери.

Претседателот на државата Стево Пендаровски истакна дека преку овој процес, и нашата земја се приклучува кон иницијативите кои веќе се имплементираат во десетина од најразвиените држави во светот, и на тој начин ја презема одговорноста за јакнењето на внатрешната демократија, но, и на демократијата во глобални рамки.

Иницијативи од овој тип преземаат не само владите и  државните институции, туку и големите медиумски куќи, технолошките гиганти и граѓанските организации кои знаат дека борбата со дезинформациите ја поттикнува медиумската писменост и безбедната употреба на интернетот, но, знаат дека тоа, пред се, значи и преземање на сериозна општествена одговорност за нашата заедничка иднина, рече тој.

Во завршницата на состанокот уште еднаш беше истакнато дека безбедносните мерки што ќе се преземат по прашањето на лажните вести и дезинформациите на оваа акциска група се однесуваат исклучиво на работата Владата и другите државни институции.

Кога станува збор за проактивните мерки, Владата, како засегната страна, очекува да произлезат од широката и сеопфатна дебата која ќе биде иницирана уште во текот на октомври, во која ќе бидат вклучени сите засегнати и сите заинтересирани страни: медиумите, медиумските и граѓански организации, новинари и поединци кои се определени против злото наречено лажни вести кое ја загрозува демократијата.

Истовремено, Владата ќе ги прифати и активно ќе учествува во сите слични иницијативи организирани од релевантни организации кои ќе се вклучат во подготовката на одлучна акција против ширење дезинформации.

Покрај државниот врв на состанокот присуствуваа и министрите за внатрешни работи, за одбрана, за надворешни работи, за информатичко општество и администрација, како и директорите на Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и Оперативно техничката агенција.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.