Министерството за образование и наука информира дека годинава државната матура ќе се одржи во предвидениот законски рок, односно јуни 2021 година. Полагањето на државната матура е обврска утврдена со Законот за средно образование и се спроведува според Правилникот за полагање испити од државната матура.

Учебната 2020/2021 година се одвива успешно согласно планот и програмата, а МОН во континуирана комуникација со учениците и училиштата ќе обезбеди заеднички решенија за непречено, и безбедно полагање на матурските испити, велат од МОН.

МОН ги известува учениците од четврта година дека пријавувањето на матурските испити се одвива во соодветниот законски рок и затоа ги повикуваме матурантите до крајот на месецот да ги пријават темите за проектната задача, а до крајот на декември да ги пријават и испитите од листата за полагање, којашто е проширена со уште нови два предмета.

Оваа учебна година за првпат, матурантите имаат можност за реализација на матурска проектна задача во согласност со условите во кои се одвива наставата и глобалните трендови на културата и младите. Истовремено, во насока на ефективно и организирано полагање на испитите од државната матура, испитните програми по сите наставни предмети ќе бидат со скратени содржини.

Полагањето завршни испити од државна матура е дел од образовните системи на сите европски земји и земјите од регионот како што се Словенија, Хрватска, Црна Гора, Косово, Албанија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.