Владата на вчерашната седница го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести да се воведе ПЦР тест за влез на државјани на Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина во државата. Одлуката стапува на сила од денеска и ќе трае сè до донесување на нова одлука на владата.

Владата на 75. седница донесе дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на ковид-19, со која од државјаните на Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина при влез на граничен премин на територијата на Македонија, ќе се бара задолжително да приложат медицинска потврда со негативен резултат од тест RT PCR SARS-CoV-2, направен 72 часа пред влез на територијата на нашата земја и да приложат пополнета изјава со лични податоци за местото на престојување и временскиот период на престојот,“ се вели во соопштението на владината прес-служба.

Ваквата владина одлука доаѓа откако бројот на новозаболени лица од ковид-19 во овие земји значајно порасна во изминатиов период, а со тоа и опасноста на територијата на Македонија да се увезат нови случаи на ковид-19 што би допринеле за натамошно ширење на болеста.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.