Со отказно решение му е прекинат работниот однос на Цветан Трипуновски, државен советник во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој е член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Според генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев, токму неговата партиска определба била клучна за да биде Трипуновски избракан од работа.

-Трипуновски е избркан од работа само заради тоа што е член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ и заради тоа што во име на партијата јавно изразувал сомнеж дека актуелната политика на власта оди на штета на земјоделците. Цветан Трипуновски не е избркан од работа заради тоа што не ги исполнувал службените обврски, туку избркан од работа заради тоа што надвор од работното време како член на ВМРО-ДПМНЕ ги презентирал партиските ставови со кои што се укажува на пропустите на актуелниот министер и се предлагаат мерки со кои би се подобрил статусот на земјоделците. Цветан Трипуновски е избркан од работа бидејќи на 24-ти август укажал дека повеќе од 20.000 тони сливи скапуваат, а земјоделците се соочуваат со егзистенцијална криза и побарал откупна цена од 12 денари за килограм. Цветан Трипуновски е избркан од работа бидејќи на 19-ти септември укажал на штетата од изјавите за производство и продажба на ГМО ориз без конечни анализи – потенцираше Јанушев.

Според него токму овие две прес конференции се официјално наведени во образложението врз основа на кое е изречена дисциплинска мерка престанок на работниот однос, да биде апсурдот уште поголем, прес конференциите не се држени во работно време, туку по завршување на истото.

За ова тој ги повика да посведочат и медиумите.

-Ова го нема ниту во најмрачните и најдиктаторски држави. Се брка човек од работа со апсурдно образложение дека бил главен наратор на прес конференција и како претставник на политичка партија нанесува директна штета врз угледот на институцијата и ја поткопува довербата во администрацијата. Вистината е една. Оваа криминогена власт е неспособна да направи било што позитивно. Аболицираниот Заев и неговиот послушник министерот Љубчо Николовски го клекнаа земјоделието на колена и го урнаа стандардот на земјоделците – објасни Јанушев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.