Иако актуелните случувања фрлија во сенка некои битни изјави, не смее да се занемари признанието на градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети на прес-конференција дека премиерот Зоран Заев му вршел притисок да влијае на одредени членови на Судскиот совет за смена на претседател на суд. Беџети кажа дека премиерот Заев на 17 јули му се јавил и му рекол дека треба да помогне да смени претседател на суд и таа работа треба да биде завршена до септември. Откако го одбил започнале притисоците врз него од антикорупциската комисија, која ја смета за корумпирана комисија.

Беџети е поранешен министер за правда и претседател на комисијата за правосудство во ДУИ. Иако јавно не го откри името на судијата за кого се барало да врши притисок, јасно е дека станува збор за претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловси. Заев барал од Беџети да влијае врз Албанците во Судскиот совет да гласаат за разрешување на Вангеловски.

Претседателот на Судскиот совет потврди дека тој ден, кога всушност Заев му се јавил на Беџети на дневен ред имало точка за разрешување на претседател на суд.

„Точно е дека на седницата на Судскиот совет на дневен ред имаше точка за разрешување на еден претседател на суд, но таа беше одложена по барање на еден од членовите на Советот бидејќи немал време да го прочита материјалот по оваа точка. Немам никакви сознанија дека дента премиерот Зоран Заев го барал градоначалникот на Сарај Блерим Беџети за некакви лобирања по истата точка.“ – Киро Здравев, претседател на Судски совет.

Заев не демантираше дека со Беџети разговарал за разрешувањето на Јово Ванѓеловски, но неговата верзија за телефонскиот разговор е многу поблага. Вели разговарал на таа тема, но не признава дека вршел притисок.

„Разговарав за шпекулациите дека се одолговлекуваат процеси заради заштити од еден претседател на суд, тоа е Јово Вангеловски – претседателот на Врховниот суд.“- рече Заев.

Парадоксално е Заев да се јавува, па макар и да се информира за наводно долговлекување на разрешување на актуелен претседател на суд. Со тоа докажа дека актуелната власт најдиректно влијае на правосудниот систем во земјата. Директно и дрско – премиерот телефонира и врши притисок за смена на претседател на највисокиот суд. Вангеловски е единствениот од повисоките судии кој не е поставен од Заев и неговата власт.

На оваа тема реагираше и Алијансата за Албанците:

Премиере, парадоксално е Вие да побарате негова помош и на ДУИ за да го реформирате правосудниот систем, токму од оние кои ја доведоа правдата во мизерна состојба, без трунка доверба и кредибилитет.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека испливуваат се повеќе докази и сведочења за директни наредби во судството.

Од друга страна, во целиот овој скандалозен период, со признанието на Беџети, со случајот Рекет, сите изјави на обвинителите по обелоденување на некои детали од овој случај, во кој се поизвесно е дека е вмешана и спеијалната јавна обвинителка Катица Јанева, се поставува прашањето:

Како после ова да се верува дека во земјава нема политички прогон? Како да се верува дека процесите кои ги води СЈО не се политички и нема да завршат онака како што побарал Заев?

 

Ова е тежок преседан, кој за жал некако поминува во сенка во овој бурен политички период. Државата ја тресат скандали, а ова е еден од оние скандали кои треба да запалат црвено светло во Брисел. Се очекува реакција од меѓународните политичари кои се задолжени за следење на реформскиот процес во земјава. Дали ова се реформите кои се бараат од Македонија?!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.