Со читање на транскрипти од разговори и СМС пораки во кои се опфатени разговори меѓу непознати лица со лицата Арменд и Фада, во кои тие прашуваат дали знаат нешто за убиството во близина на обиколницата кај Сингелиќ, денеска почна рочиштето за убиството на момчињата и рибарот на Смилковското Езеро.

Во транскриптите што ги читаше судијата Осман Шабани се слушна дека повеќето од лицата што беа прашани не слушнале за убиството.

Пред почетокот на судењето обвинителката Фатиме Фатаи побара одговор од министерката за правда Рената Десковска дали воопшто е побарана екстрадиција за обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, бидејќи, како што рече, цела година судот добива едно исто известување дека постапката е во тек.

Адвокатот на одбраната Насер Рауфи рече дека барањето веќе еднаш е одбиено за екстрадиција и дека нема потреба да се бара повторно.

Адвокатката на оштетените пак инфомира дека неколку пати доставиле барање за да бидат известени за екстрадицијата, како и за закажување на седница на Владата со точка на дневен ред за екстрадицијата на двајцата осомничени, но дека до сега не добиле конкретен одговор без да се наведе што е превземено.

Родителите на убиените момчиња побараа средба со министерката за правда и таа да се оствари до одржување на следното рочиште.

Судскиот процес, познат како „Монструм“, го води судијата Огнен Ставрев, а застапнци на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.