Државниот завод за статистика објави дополнителен јавен конкурс за ангажирање лица кои ќе учествуваат во спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија во периодот 1 до 21 април во својство на реонски попишувачи и реонски инструктори.

Потребниот број на реонски попишувачи и реонски инструктори ќе се изберат по пописни реони и според јазикот на кој ќе се врши попишувањето. При изборот на кандидатите кои се пријавиле за реонски инструктори ќе се има предвид етничката структура на населението во соодветниот пописен реон. Од избраните кандидати за реонски попишувачи по пописни реони ќе бидат избрани 10 процент повеќе резервни попишувачи од табелата-колона за вкупно попишувачи, се вели во конкурсот.

Кандидатите кои ќе се пријават на овој конкурс треба да се државјани на Република Македонија, да се полнолетни, да имаат завршено најмалку средно образование и да немаат засновано работен однос. Од дополнителни услови се бара познавање на работа со персонален компјутер и познавање на соодветниот јазик на заедницата во пописниот реон.

Изборот на пријавените кандидати ќе се врши по пат на тестирање (проверка за познавање на општи работи од областа на статистиката и познавање на работа со персонален компјутер), кое ќе се спроведе во седиштата на комисиите на пописните реони за кандидатите кои имаат место на живеење во соодветниот пописен реон.

Времето  на почетокот на тестирањето и местото каде што ќе се одржи тестирањето дополнително ќе бидат објавени во седиштето на секоја Комисија за пописен реон и на веб-страниците на Државниот завод за статистика www.stat.gov.mk и popis2021.stat.gov.mk.

Кандидатите, својата намера да учествуваат во Пописот ја изразуваат исклучиво преку пополнување и доставување на електронска пријава која е достапна на веб-страницата на Државниот завод за статистика: https://www.stat.gov.mk/popis/PrijavaPopis2021.aspx (пријава на македонски јазик) и https://www.stat.gov.mk/popis/PrijavaPopis2021_al.aspx (пријава на албански јазик) во периодот од 3 до 7 март 2021 година.

Кандидатите, кои својата намера да учествуваат во Пописот 2021 година ја изразиле на Јавниот конкурс кој беше објавен на 23.02.2021 година за пријавување во период од 23.02- 28.02.2021 година, не треба повторно да се пријавуваат. Заинтересираните кандидати кои ќе достават електронска пријава, потребните документи ги доставуваат исклучиво во хартиена форма по пошта до Државниот завод за статистика, ул. Даме Груев бр.4 во Скопје, п.фах 506, најдоцна 08.03.2021 година или на денот на закажаното тестирање во просториите каде што ќе се спроведе тестирањето, се појаснува во огласот.

Изборот на кандидатите кои ќе бидат ангажирани ќе го изврши Директорот на Државниот завод за статистика, по предлог од надлежната работна група формирана за секој пописен реон.

Изборот од пријавените кандидати ќе се изврши во рок од 3 дена по тестирањето, а списокот на избраните кандидати ќе биде објавен на веб-страниците на Државниот завод за статистика.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.