Tри кабинети со високо ниво на заштита и еден автоматски екстрактор за изолација на вирусна РНК, како и реагенси за три илјади анализи добија лабораториите на Институтот за судска медицина и на Институтот за микробиологија. Станува збор за донација од Светската здравствена организација.

На денешното примопредавање на донацијата присуствуваше министерот за здравство Венко Филипче кој изјави дека СЗО се покажа како еден од нашите најсериозни и најголеми партнери од почетокот на оваа криза, по претходниот период на соработка на други полиња.

Меѓутоа, сега по појавата на пандемијата со Ковид-19 навистина многу интензивно комунициравме, соработувавме и разменувавме информации. Тоа беше институцијата од која на глобално ниво доаѓаа првите сознанија за вирусот, начинот на ширење, препораките, превентивните мерки итн. И ова сега е еден сегмент на соработка кој значи сериозно зајакнување на лабораториските капацитети. Конкретно, денешната донација се состои од три био сејфти кабинети. Два се наменети за Институтот за микробиологија и еден за Институтот за судска медицина, рече Филипче.

Тој посочи дека ова е една значајна поддршка за Медицинскиот факултет во Скопје, со што се одделува работата од форензиката со делот на дијагностика на коронавирусот, нешто што е многу значајно посебно за работата на Институтот за судска медицина и дополнително автоматски значајно зајакнување на дијагностичките, лабораториските капацитети во делот на идентификување на коронавирусот на Медицинскиот факултет во Скопје.

Филипче се заблагодари што СЗО беше од почетокот на кризата присутна и со донација на лична заштитна опрема и био сејфти кабинети за Институтот за јавно здравје.

Шефицата на канцеларијата на СЗО во земјава, Џихан Тавила рече дека се многу горди што поддршката што ја дава Светската здравствена организација не е само за справувањето со Ковид-19, туку помага и за подобра подготвеност на земјата преку воведување нова технологија и подобра обученост на здравствениот кадар.

Задоволни сме што работиме со Филипче, со Медицинскиот факултет и со сите партнери во земјава, бидејќи веруваме дека одговорот на пандемијата е силен, ќе напредува и нема да запре. Има уште многу работа да се направи со вакцинацијата која претстои, додаде Тавила.

Деканка на Медицинскиот факултет, Соња Топузовска се заблагодари на министерот Филипче и на Тавила што овозможиле Медицинскиот факултет да биде дел од институциите на кои СЗО донира опрема, која, како што потенцира, е многу значајна во овој момент.

Се работи за три кабинети со високо ниво на заштита и еден автоматски екстрактор за изолација на вирусна РНК, како и реагенси за три илјади анализи. Оваа опрема ќе овозможи лабораториите на Институтот за судска медицина и на Институтот за микробиологија да го зголемат својот капацитет односно бројот на анализи за детекција на Ковид-19 на дневна основа. Се разбира „biosafety“ кабинетите ќе овозможат високо ниво на заштита на вработените. Оваа опрема во иднина ќе се користи и за други анализи. Со тоа се зголемува капацитетот на Медицинскиот факултет за молекуларната дијагностика воопшто. Уште еднаш голема благодарност до СЗО, додаде Топузовска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.