Националното Собрание на Франција в четврток ќе расправа за Предлог-законот за ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Долниот дом на францускиот Парламент се очекува по расправата да го ратификува Протоколот, откако претходно на 17 октомври тоа го стори Сенатот.

По француската ратификација ќе отане уште тоа да го стори Парламентот на Шпанија, кој се уште не е конституиран, со оглед на тоа што таму на 10 ноември се одржаа избори.

Во образложението на предлогот, дадено од француското Министерство за Европа и надворешни работи, се наведува дека пристапувањето на Северна Македонија во НАТО „ќе ја зајакне безбедноста на регионот и на Алијансата во целина“.

Франција ќе остане особено будна во однос на клучните принципи на процесот на проширување на НАТО, а тоа се проценка на индивидуалните постигнувања на земјите кандидати и нивниот придонес за безбедноста на евроатланстката област, се додава во образложението.

Очекувањата беа дека Протоколот ќе биде ратификуван од сите 29 држави членки до Самитот на Алијансата закажан за 3 и 4 декември во Лондон, но во Шпанија на 10 ноември се одржаа избори, а таму според процедурите новиот состав на Парламентот би се конституирал на 3 декември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.