Медицински персонал од Клиниката за онкологија сведочи дека пациентите биле манипулирани со лековите за рак. Вработена во клиниката, која сакаше да остане анонимна, за „Алсат“ вели дека терапиите не им се даваат на пациентите во целост, туку половина од ампулата останува да се продава приватно. Таа тврди дека 6 од 20-те лекари кои даваат скапи терапии вредни илјадници евра прават вакви манипулации и дека во одделението на дневната болница има посебен простор од задната врата каде што влегуваат пациенти кои плаќаат.

Според вработената на Oнкологија, пофлагрантно се кршат прават на пацинтите во ноќната смена. Скапите терапии за рак се даваат со вкрстен потпис на директорот, специјалистот и главните медицински сестри. Таа вели дека ги пријавува овие неправилности од сочувство кон пациентите кои страдаат.

Има наводи и за други злоупотреби на Клиниката за онкологија. Анонимно писмо укажува на сомневања дека во системот се активни лица кои починале пред неколку години, а во нивно име се пишуваат терапии, пренесува „Алсат“.

Во меѓувреме, онколошки пациенти, кои останаа без потребната терапија, во редакцијата на „Курир“ се пожалија дека иако хемотерапија им била препишана, не можат да ја примаат бидејќи лекот го немало. Додека кај едни е прекинат циклусот, други не можат да почнат со хемотерапија бидејќи лекот „оксалиплатин“ го нема.

Од Клиниката за радиотерапија и онкологија сме информирани дека во петок ќе пристигнат нови количини од лекот Оксалиплатин, и пациентите навремено ќе ја добијат терапијата, се вели во кусиот одговор од МЗ за Курир.

Во меѓувреме, пациентите се снаоѓаат како знаат. Некои се обидуваат да го најдат лекот во соседните земји и да продолжат или почнат со терапијата, а други поради финансии остануваат да чекаат лекот да биде обезбеден од Клиниката која е должна да го набави.

Инаку денеска д-р Виолета Клисарова беше поставена за директорка на Клиниката, откако довчерашниот директор Никола Васев, на барање на министерот Беким Сали, си поднесе оставка од позицијата.

Оставката следува по контролите на Фондот за здравствено осигурување за исплата на дежурства.

Во последниот период и на двете клиники имаше доста скандали поврзани со работата на директорите и поради тоа мораше да се преземе ваков чекор. На тој начин се создадоа и сомнежи околу нивната работа и затоа тие денес си поднесоа оставки и на нивно место ќе бидат назначени нови директори, вели Сали за „Фокус“, во врска со оставките на Васев и Аспазија Софијанова која се повлече од директорското место во Клиниката за детски болести.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.