И покрај одлуката на Антикорупциската комисија дека директорката на Клиниката за гастроентерохепатологија и прв човек на Лекарската комора на Македонија, Калина Гривчева Старделова, дека не смее да ги врши двете функции, таа останува и на двете функции. Спорно е извршувањето на двете функции бидејќи првиот човек на Лекарската комора ја цени работата на директорите на јавните здравствени установи. Тоа значи дека Старделова – претседателката на Комора ја оценува работатата на Старделова – директорката на скопската клиниката.

Одлуката на Антикорупциската комисија е донесена кон крајот на 2019 година или пред речиси две години, но никој не реагира. Едноставно не се постапува по Одлуката на надлежната Комисија. Комисијата, констатирајќи го судирот на интереси, побара Старделова во рок од 15 дена да се откаже од една од функциите. Значи Старделова треба да биде или само претседател на Лекарската комора или само директор.

За овој случај претставка до Антикорупциска имаше поднесено доктор Идриз Орана. Д-р Орана ја поднесе претставката кон средината на 2019 година.

КОЈ ЈА ШТИТИ?

Одлуката на Антикорупциска комисија, со која се констатира судир на интереси датира од 22 ноември 2019 година. Во истата, пак, е наведено дека откако ќе биде доставена во рок од 15 дена Старделова треба да достави доказ до Антикорупциска дека се откажала од една од функциите. Правниците коментираат дека според праксата пробиени се сите рокови и веќе се поставува прашањето кој ја штити.

Доколку има Одлука на 22 ноември 2019 година истата треба да се реализира во разумен рок и да биде доставена. Сега е крај на септември 2021 година, крајно неразумно, непочитување на институции и правни акти кои ги носат – коментираат правници.

Според нив, неизвршувањето на Одлуката на Антикорупциска може да се толкува како неажурност на институциите.

ЗАКОНСКИ НОРМИ

Во Одлуката се наведува дека според Законот за спречување на корупција и конфликт на интереси Старделова не може да ги извршува двете функции. Или според член 44 став 1 „избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите“ и според став 5 од истиот член „избрано или именувано лице и одговорно лице во јавно претпријатие или друго правно лице со доминанен државен капитал не може да врши функција на член на управен одбор или на друг орган на управување во трговско друштво или друго правно лице што се занимава со дејност со која се остварува профит“.

Според член 105 од Законот на службено лице ќе му се изрече глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност на лице кое спротивно на членот 44 врши функција која е неспоива со функцијата ккоја веќе ја врши.

Старделова, според Законот, не смо што треба да се откаже од една од функциите треба да плати и казна – коментираат правниците кои потсетуваат дека сите овие дејствија треба да завршат во разумен рок.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.