Никогаш нема да го заборавам теророт од Бугарите за време на Втората светска војна. Кој колку сака нека збори дека Бугарите не биле окупатори, туку администратори. Се уште сме живи, сведоци сме на она што се случуваше во тоа време – вака дедо Љупчо ја раскажува својата приказна за неговиот татко, кој бил собран во рација од страна на Бугарите.

-Татко ми беше бербер. Во тоа време по затворање на дуќаните, занаетчиите се собираа пред Нама во центарот, на градскиот плоштад. Поминала рација од бугарските окупатори и ги собрала сите занаетчии. Меѓу нив и татко ми. Мајка ми даде многу пари за да стигне до генерал Бојдев за да го пуштат татко ми. Откако даде пари ѝ дозволија да се жали кај генерал Бојдев. Отидоме кај генерал Бојдев јас, мајка ми и сестра ми. Ние бевме деца. Никогаш нема да го заборавам ова. Додека чекавме излезе официер, ѝ удри еден шамар на мајка ми. Ние почнавме да плачеме, деца. Во тој момент излезе генерал Бојдев и праша што се случува. Офицерот му вика „таа е жена на шумка“, на партизан. Генерал Бојдев ја праша како се вика татко ми. Таа кажа име и презиме и ѝ вика: „оди дома ќе го одвлнеме“. Го пуштаат после 3-4 дена. Сега каде што е собранието, карши, кај споменикот. Таму го пуштаат. Не може да згази на стопалата од што е тепан по нив. Не можеше да дојде дома, со пајтон го донесоа. Се по табани тепан. Од тоа умре. Се со штаки одеше. Прво воопшто не можеше да оди. После месец лечење застана на нозе, но не можеше самостојно да оди. Наскоро умре. Бојдев го уби татко ми – раскажува за „Република“ дедо Љупчо, жив сведок на случувањата во тоа време.

Тој се сеќава дека луѓе влечеле врзани за коњ. Вели ги влечеа по улиците, крвави по нозе по грб… Не може да поверува на сопствените уши додека Заев го негира она што му се случувало на македонскиот народ. Вели интервјуто дадено за бугарската БГНЕС е чиста лага и понижување на сите оние жртви од Втората светска војна.

-Сега Заев ќе каже дека не биле окупатори, дека биле администратори. Какви администратори. Тој шамар што мајка ми го доби уште ме боли. Нека дојде мене нека ми раскаже дека не биле Бугарите окупатори. Го слушам и не ми се верува што зборува. Зарем на нас, живите сведоци од тоа време може да ни раскажува што биле Бугарите и што му правеле на македонскиот народ?! Јас него можам да му раскажам, не тој мене – коментира 85-годишниот дедо.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.