Aмбасадорите на земјите-членки на ЕУ на вечерашниот состанок во Луксембург не го усвоија предлогот на финското претседателство да се отворат пристапните преговори со Северна Македонија, во меѓувреме да се усвои нова методологија за преговори која ја бара Франција, при што Меѓувладината конференција меѓу земјава и владите на ЕУ да се одржи најдоцна во првата половина од 2020.

Како што јавија дописниците на МИА и на Телма од Брисел, повикувајќи се на извори од македонската влада упатени во текот на состаноците, ова значи дека предлогот на Финска која го изготви како претседавач на Советот на ЕУ не е усвоен на амбасадорско ниво во телото што се вика Комитетот на постојани претставници (Корепер) и за него ќе расправаат министрите за надворешни работи во Советот на Европа утре во Луксембург.

Кореперот ги подготвува документите со предлози кои може но и не мора да бидат усвоени во ова тело, тие предлози потоа потоа ги разгледуваат министрите, а ако и тие не се усогласат за конечната одлука ќе решаваат лидерите на земјите од ЕУ на самит на Европскиот совет.

Прогнозите се дека на утрешниот министерски совет разговорите нема да одат лесно, и дека е многу веројатно за одлуката за почнување преговори со Македонија да решаваат европските лидери на дводневниот Самит на Европскиот совет што почнува в четврток во Брисел. Така беше и во 2005, кога Македонија го доби кандидатскиот статус.

Франција бара пред да се отвораат преговори со идните членки, да се усвои новата методологија која ќе се однесува за сите земји кандидати за ЕУ, пристапниот процес да биде поскалест и реверзибилен – ако земјата назадува во преговорите повторно да се врати на поглавјето во кое не е забележан очекуваниот напредок.

Франција на вечерашниот амбасадорскиот состанок не поддржала ниту одвојување на Северна Македонија од Албанија, ниту пак ги прифатила предлозите на финското претседателство. Холандија и Данска, кои имаа резерви кон проширувањето, се за одвојување на Македонија од Албанија.

Во Луксембург за министерскиот совет утре ќе оди вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, а во Брисел е веќе министерот за надворешни Никола Димитров

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.