Работни тимови од министерствата за транспорт и врски, и за здравство, како и од неколку општини, денеска имаат состанок во однос на прашањето за издавање градежни дозволи за изградба на монтажни ковид центри и болници.

Ресорниот министер Благој Бочварски соопшти дека очекува наскоро да има одредени нови информации коишто се значајни за прашањето со дозволите.

Важно е што во Собранието ги донесовме измените во Законот за градење каде што ги олеснуваме сите постапки за поставување на монтажните ковид центри и болници. На Министерството за здравство му дадовме можност, уште една алатка како побрзо да работи и да ги поставува ковид-центрите со цел заштита на здравјето на граѓаните – наведе Бочварски, во одговор на новинарско прашање.

Во Министерството за транспорт е формирана и работна група која го разработува најдоброто можно решение за тоа кои дејности во надлежност на овој ресор би биле ослободени од работа во недела, а со што ќе се одговори на барањето од Министерството за труд и социјална политика кое е носител на проектот за неработна недела

Како што вели Бочварски, во консултација со сите што се засегнати сакаат да одберат решение за ослободување од работа во недела, кое ќе биде најдобро и за граѓаните и за бизнис секторот и нема да го попречи неговото функционирање.

Формиравме работна група за да се донесе најдоброто решение, но ниту можеме, ниту сакаме сами да ја донесеме таа одлука. Ќе ги направиме сите консултации со коморите, стручните служби, со сите засегнати страни што припаѓаат во секторот транспорт и врски со цел да донесеме одлука којашто ќе биде најповолна за граѓаните и бизнис секторот, апритиоа да не предизвикаме некаки последици во однос на функционирањето на бизнис секторот. Транспарентни сме, ќе разговараме и тоа што е најповолно и најприфатливо и за Министерството и за оние кои работат на терен и го движат секторот и домашната економија дека ќе ја информираме јавноста – вели Бочварски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.