Се надеваме дека нашата одлука за прогласување на еден руски дипломат за пресона нон грата, нема да влијае врз односите меѓу  Македонија и Русија – изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи во врска одлуката на МНР за протерување на дипломатот од земјава.

Османи повтори дека ваквата одлуката е донесена поради однесување на дипломатот, кое е неспоиво со дипломатскиот статус и правила.

Врз основа на сериозна истрага на случајот донесена е одлука тој да ја напушти земјата во рок од 7 дена – додаде Османи.

Шефот ма македонската дипломатија изјави дека засега нема најава за реципрочна мерка од руска страна, но, како што нагласи, секоја држава има инструменти и можност да преземе теков чекор.

Оваа одлука не е поврзана со нашите односи со Руската Федерација, иако се случува во услови како да се солидаризираме со нашите сојузници во врска со некои однесувања на Русија – додаде Османи.

Според него, во јавноста се отвора лажна дилема дали сме со САД или Русија, бидејќи таа одлука државата ја има донесено уште од првите години на независноста, со Резолуцијата во Собранието од 1993 година за членство во НАТО.

Тој нагласи дека со членството во НАТО нашата позиција на меѓународната сцена е значително променета и партнерството со 29 други земји се гради со јасна партиципација и придонес за почитување на принципите на тоа сојузништво.

Руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека Русија ќе преземе соодветни чекори како одговор на протерувањето на рускиот дипломат од Македонија.

Најостро ги осудуваме таквите неосновани потези кои дефинитивно ќе влијаат на односите меѓу Русија и Македонија. Ќе следат мерки на одговор, наведе руското МНР во соопштението.

Македонското МНР во вторникот соопшти дека, согласно член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи, еден дипломат на Руската амбасада во Скопје е прогласен за непожелна личност во Македонија. Нотата со која се наложува дипломатот да ја напушти територијата на  Македонија во рок од седум дена, му била предадена на рускиот амбасадор во Скопје Сергеј Баздникин во МНР на 14 мај.

Одговарајќи на новинарско прашање за ставот на МНР во врска со израелско-палестинскиот судир, Османи нагласи дека земјава се придружува кон повиците за деескалација на тензиите и осуда на нападите врз цивили и ги поддржува меѓународните напори за прекин на насилствата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.