Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, која денеска ќе престојува во посета на Македонија, пред пристигнувањето во Скопје порача дека очекува широка поддршка во парламентот за уставните измени и тргање.

Бербок Скопје ќе има средби со државниот врв и опозицијата во обид да им даде поттик на уставните измени со кои Бугарите и други заедници треба да бидат вклучени во Уставот.

Местото на Cеверна Македонија е во ЕУ, исто како и на нашите останати партнери од западниот Балкан. Дека навистина го мислиме тоа, покажавме најдоцна со официјалниот почеток на пристапните преговори со ЕУ во јули 2022 година, порача Бербок пред полетувањето за Скопје, пренесува Дојче веле.

Таа вели дека не смеат да се изневерат очекувањата на големото мнозинство граѓани во земјата.

Големите надежи и очекувања, кои луѓето во Cеверна Македонија ги имаат за пристапниот процес, за нас се шанса и опасност истовремено. Опасност, затоа што би можеле да ги загубиме Македонките и Македонците за Европа, доколку како ЕУ ги изневериме нивните очекувања и покрај сиот напредок и болните отстапки кои ги направија во изминатите 17 години. Шанса, затоа што на сите учесници во процесот на проширување на ЕУ им е јасно за што всушност се работи: за иднина во европското семејство, за регион со стабилна добросостојба и мир, за самоопределување, рече шефицата на германската дипломатија.

Од германското МНР, пред посетата, оценија дека Македонија е „клучна земја“ за процесот на проширување на ЕУ, посочувајќи дека главната цел на посетата на Бербок е откочување на процесот на уставни измени. Тоа го најави и Бербок во изјавата.

Можам добро да сфатам дека во моментов сите прашања за сопствениот идентитет, за сопствената историја, јазик и култура се дискутираат во Cеверна Македонија со срце и страст, тоа ни кај нас не е различно и е природно при важни прашања како промена на Устав. Но искуството покажува: во вакви ситуации се исплаќа да се тргнат настрана партиско-политичките калкулации, да се водите од јасна цел и во таа насока одлучно да се борите. Широката поддршка во парламентот на Cеверна Македонија за промена на Уставот ќе испрати сигнал не само во самата земја, туку и подалеку во целиот регион: ние апсолутно сакаме да влеземе во ЕУ и правиме сѐ што е неопходно од наша страна, изјави Бербок пред посетата на Скопје



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.