Преку преминот „Делчево/Станке Лисичково“ на границата кон Бугарија од синоќа во 19 часот до утрово до 7 часот во земјава влегле само двајца граѓани. Како што соопшти Регионалниот центар за гранични работи – Исток, на овој граничен премин не се забележани поголеми групи граѓани од Бугарија кои би присуствувале на одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на великанот Гоце Делчев, потенцирајќи дека од 6 до 8 часот утрово ниту еден бугарски државјанин не ја поминал границата.

Во моментот како што информира дописникот на МИА, само две возила со бугарски регистарски таблички во кои се наоѓаат државјани на Бугарија чекаат за влез во земјава.

– Тргнати сме за Делчево, имам закажано на заболекар, не ме интересира тоа за Гоце Делчев, тргнат сум по работа, вели еден од анкетираните.

– Ние сме Бугари, ама преку ден сме во Македонија, скоро 20 години поминавме тука, си земаме јадење. На граница слободно минуваме без проблем, а тоа другото  е политичка работа, ние сме тргнати да завршиме работа, вели друг граѓанин на Бугарија.

Во Делчево за денеска во 10 часот е најавено положување цвеќе пред споменикот на патронот Гоце Делчев, каде од претходно од Општина Делчево најавија дека не се најавени гости од други држави.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.