Од 1 до 8 октомври до Собранието се доставени 151 нови предлог-закони, измени и дополнувања на закони и ратификации, голем дел по скратена постапка, пракса за која имаше ставено забелешка и во последниот Извештај на ЕК за напредокот на земјата.

Во однос на законите по скратена постапка, бројни се усогласувања со Законот за прекршоци со којшто беше предвидено намалување на казните, како и со мерките за справување со кризата предизвикана од Ковид-19, меѓу кои и економските пакет мерки што ги предлага Владата.

Претседателот на Собранието Талат Џафери на забелешките дека повторно пратениците ќе одлучуваат по голем број закони по скратена постапка, вели дека се работи на промени на Деловникот за да се најдат најсоодветни решенија за ограничување на бројот на закони по скратена постапка и оти некои закони се врзани со пандемијата на Ковид-19.

Треба да имате предвид дека Собранието не работеше до 4 август, кога беше конститутивната седница. Многу работи околу пандемијата и околу околностите и обврските што требаше да се регулираат по престанокот на вонредната состојба требаше да чекаат Собранието да ги реши. Водете сметка кога сме избрале Влада, и ако одевме во редовна постапка тие закони ќе се донесеа дури во ноември – вели Џафери, кој како пример посочи на законите за образование и промената на датумите за почеток на школската година.

Тој нагласува дека околностите треба да се гледаат како целина, а не само како сегмент.

Сепак, меѓу законите што се меѓу 151 доставени до Собранието се и Предлог законот за попис во 2020, што првично беше доставен до законодавниот дом во минатиот состав, потоа Предлог-закон за огласување ништовност и поништување на правни акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација, Предлог закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, како и други.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.