Пред да започне изборниот молк на полноќ, би сакала да ви се обратам уште еднаш. Минав илјадници километри низ нашата прекрасна татковина, сретнав многу луѓе, стиснав илјадници раце. Ве молам, простете ми што не успеав да стасам насекаде, но ветувам дека ќе ве посетам во вториот дел од кампањата. Исто така, ви ветувам и дека по победата моите патишта ќе водат секогаш кон вас, ова преку соопштение го истакнува кандидатот за претседател од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова.

Слушнав и видов многу. И арно и лошо. Видов сиромаштија, разочарување и тага, но видов и надеж и жар. Новото сонце на слободата веќе го видов во вашите очи. Ја видов и решителноста и желбата да се сплотиме, без оглед на политички, етнички, верски и какви било други разлики. Нашата единствена и заедничка партија е нашата татковина Македонија. Македонија и нејзините граѓани страдаат од невладеење на правото и од авторитаризам, од полициски притисоци, од невработеност, неслободни медиуми, од бизниси поклопени со тешката рака на политиката, од разурнато здравство и образование, од загадена животна средина. Свесна сум дека шират страв и вршат притисоци. Ги води бескрупулозна желба за гола власт и профит. Се колнат во НАТО и ЕУ додека нѐ оддалечуваат од сето она што значи живеење во пристојна држава. Но, нас нѐ води желбата за право и за правда за нашата Македонија. Благодарение на вас, застанав на чело на оваа борба во која ќе се соочиме со нив, отфрлајќи ги стравот и пасивноста. На тоа нѐ обврзуваат предците, тоа од нас го бараат младите и идните генерации. Не сакаме да се срамат од нас. Дојде време да покажеме, и преку избори, дека ние немаме друга алтернатива ‒ или Македонија ќе биде слободна и демократска, или од неа ќе направат колонија, а децата ќе ни заминат разочарани. Свесна сум за вашиот гнев и за разочарувањето од сето она што се случуваше во минатата година. Ги разбирам и оние што се двоумат и што мислат дека со изборите ги признаваме наметнатото име и октроираниот Устав. Ве уверувам, Република Македонија не може да се обезличи без наша дозвола. Нашата пасивност ќе ја злоупотребат, ќе ја толкуваат како согласување со нивните политики ‒ и најмногу од сѐ, пасивноста ќе им ги отвори вратите за изборните манипулации. Затоа, мораме да ја заштитиме татковината која се брани и со референдуми и со протести, ама и со избори на луѓе што ќе имаат доблест и храброст да им застанат на патот, вели Силјановска.

Таа додава дека верува во нас, верува дека в недела ќе си го поставиме вистинското прашање: кому му верувате дека ќе биде ваш глас, глас на непокор и борба за правдини. В недела на гласачкото место ќе се најдете само Вие, ливчето и пенкалото. Изборот е ваш! Изборот е едноставен: сакате лаги или вистина, неправда или правда, наведната или крената глава, корупција и неспособност или реформи и напредок.

Заокружете го бројот 2! Нѐ пребројуваа, нѐ омаловажуваа, но нивната нервоза зборува дека се свесни дека нѐ има многу повеќе од она што можеше да се види. До мене допреа сите ваши зборови на поддршка, вашите барања, идеи и посветеност. Власта извира од народот: тој дава власт, ама и одзема. Нема да им успеат обидите за изборни манипулации кои веќе ги разоткривме. Нека не се ни осмелуваат да помислат да го кршат изборниот процес, бидејќи ќе бидеме будни и овој пат нема да бидеме тивки како по референдумот. Ќе се бориме со сите демократски и ненасилни средства. Доста беше! Нека го означи 21 април почетокот на нивниот крај. За да успееме, би сакал уште еднаш да апелирам и да ве замолам да зборувате со вашите блиски, соседи, колеги или пријатели. Да ве замолам да размислите добро што ќе се случи ако победи нивниот кандидат, или ако не успеат изборите. Сега е моментот да ги збиеме редовите. Вие сте мојот глас, а јас ветувам дека ќе бидам вашиот глас, гласот на народот.

Македонија е земјата на која ѝ должам многу, и сега е ред, со ваша помош, да ѝ ги вратам гордоста и правдата. Време е да го направам вашиот глас и слушнат и испочитуван!

Ваша,

Гордана

#ПравдаЗаМакедонија #ТатковинатаПовикува

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.