Капиталните инвестиции на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) од почетокот на годината се реализирани во износ од околу 40 милиони евра или 15 проценти од планираните. Очекуваме овој процент да се зголеми со зголемувањето на интензитетот на работата. Во споредба со истиот период од минатата година капиталните инвестиции оваа година се поголеми за 5,3 милиони евра или за 15,8 проценти, вели во интервју за МИА директорот на ЈПДП Ејуп Рустеми.

Тој информира дека во завршна фаза се преговорите со кинескиот изведувачот „Синохидро“, каде е дефинирано до 31.12.2023 година да се продолжи рокот за комплетирање на градежните работи на автопатот Кичево-Охрид. Рокот се пролонгира поради изработка на дополнителна проектна документација (испроектирана во рок од септември 2019-септември 2020) која, потенцира, беше неопходна за завршување на проектот.

Рустеми во интервјуто говори и за Меморандумот за разбирање со компанијата „Бехтел и Енка“ за проектна подготовка и изградба на автопатските делници Тетово-Гостивар-Букојчани и Требеништа-Струга-Ќафасан од Коридорот 8, како и за изградба на автопатската делница Прилеп-Битола од Коридорот со којшто се воспоставува нов модел за изградба без тендер, а преку модел што по дефинирањето треба да биде усвоен во Собранието.

Ова е нов модел, првпат се користи кај нас и веруваме дека ќе ги даде најбрзите и најоптималните резултати во изградбата на патната мрежа. Наместо да чекаме со години проектирање, па потоа дополнително да чекаме со години реализација, како што имаме примери сега, оваа едноставна постапка е многу побрза и дава побрзи резултати. Новиот пристап нуди брза и навремена реализација на капиталните проекти, нема повеќе калкулантски игри кога е во прашање националниот интерес на граѓаните и државата, вели Рустеми.

Меѓу останатото, се осврнува на тековните активности за автопатот Скопје – Блаце, патиштата кон соседна Бугарија, примената на одлуката за бесплатна патарина за српските државјани, приходите од патарина…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.