Владата треба во рок од 30 дена откако ги доби препораките на ГРЕКО, да назначи лице за интегритет кое ќе ги советува премиерот, министрите и останатите вработени да носат правилни и издржани одлуки согласно законите, моралот и етиката и на начин на кој ќе го избегнат судирот на интереси и ќе ги одвојат јавниот и приватниот интерес, изјави денеска членот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Владимир Георгиев.

Тој нагласи дека ова лице, што ќе го назначи Владата, претходно ќе биде обучено од ДКСК, а такви лица за интегритет ќе треба да се назначат и на централно и на локално ниво во сите останати државни институции. Лицата кои ќе бидат задолжени за ова во останатите институции, најверојатно ќе бидат од редот на веќе вработените и советувањето за законско и етичко работење ќе го вршат како дополнителна работа.

За Република Северна Македонија во последниот Извештај на ГРЕКО произлегоа 23 препораки. Една од основните и главните препораки е Владата во најскоро време да назначи лице, т.н. советник за интегритет кое во секое време ќе биде на располагање да даде етички совети, совети за интегритет, но и други совети од аспект на етичко однесување на членовите на Владата, рече Георгиев, додавајќи дека вакви лица ќе бидат назначени и во сите други државни институции, кои ќе даваат совети на директорите за извршувањето на нивните обврски со цел да го зачуваат интегритетот и да се спречи судирот на интереси.

Лицето за интегритет, додаде Георгиев, треба да исполнува одредени критериуми за да може да им доделува совети на членовите на Владата, да биде соодветно обучено и самото да биде лице со интегритет.ж

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.