Следната недела Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) следната недела ќе ги разгледува актуелните случаи „Двојник“ за фалсификуваните патни пасоши, „Инвока“ за полицискиот сообраќаен софтвер, како и случајот „Леонардо“, односно набавката во МАНАВ и имотната состојба на Драги Рашковски, информираше претседателката на ДКСК Билјана Ивановска вечерва на ТВ Алфа.

За случајот „Леонардо“ односно набавката во МАНАВ, се очекува најверојатно следниот месец, можеби и порано да биде донесена и одлуката. Следната недела, најави таа, Рашковски ќе биде повикан на интервју за „Леонардо“, како и високи претставници од Управниот одбор на МАНАВ.

Поради ненавремено повлекување на траншите од кредитот државата плаќа високи камати, тоа е поразително и тоа не е случај само со МАНАВ. Не се води сметка, недомаќински се трошат средствата, рече таа.

ДКСК ја проверува и имотната состојба на Драги Рашковски, кој е засегнат и во „Инвока“ и во „Леонардо“, информираше Билјана Ивановска, претседател на Државната комисија за спречување на корупција.

За случајот „Двојник“, ДКСК ќе ги разгледува сите информации што ги има, по што ќе одлучи како ќе постапува, најави Ивановска и додаде дека најверојатно имало слаби точки во системот што довеле до таква ситуација.

Прашана дали директно ќе се „чешлаат“ посочените од опозицијата премиерот Зоран Заев и министерот Оливер Спасовски, Ивановска рече дека ќе се разгледаат сите информации и ќе се дефинираат чекорите по кои ќе се работи тој предмет. „Ако треба да“, рече таа.

Ивановска информира дека пред два дена ги добиле и информациите од МВР, Владата, Индустриска сопственост во врска со предметот „Инвока“.

Во други држави доволно е само сомнеж да падне, меѓутоа кај нас и кога се докажува некако тешко оди да се повлечат, иако во Етичкиот кодекс на Владата, кога го донесе, стои дека треба да се отстранат сите ситуации и сомнежи од судир на интереси, корупции итн…. треба повеќе да се води сметка, порача Ивановска, претседател на ДКСК.

Таа нагласи дека имале повеќе разговори со странски амбасадори, кои биле заинтересирани и се во тек со она што го работи ДКСК. Според неа, тие даваат јасни пораки, со дипломатски јазик можеби, но треба да се препознае и да се примени.

Се чувствува некое суптилно деструктивно влијание од надвор од некои структури што умеат да се доближат до секоја власт. Ние се трудиме професионално да продолжиме да работиме. Нас политика не не интересира, само врз основа на факти и аргументи ги донесуваме нашите одлуки, рече таа, додавајќи оти тоа се луѓе кои имаат влијание врз секоја власт. Има разни структури, не се баш бизнисмени, подвлече Ивановска.

Ивановска порача дека политиката треба да се тргне не само од правосудниот систем, туку од сите системи, настрана од професионалноста, ако сакаме резултати

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.