Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) води постапки против пратеници, министри, директори и членови на надзорни и управни одбори кои ја злоупотребиле својата функција во области во кои не може да одлучува третиот ешалон од власта, велат од ДКСК.

Оттаму ја коментираа изјавата на премиерот Зоран Заев дека не е откриена корупција кај високите функционери, туку само кај администрацијата.

Состојбите што произлегуваат од постапките што ДКСК ги води и за кои постојано укажува на своите јавни седници, говорат за утврдени состојби на злоупотреба на функции од страна на пратеници, министри, директори, членови на управни и надзорни одбори при вработувања на свои блиски лица или членови на политички партии; суптилно договарање критериуми за избор на економски оператори при доделување договори за јавни набавки или непредвидување никакви критериуми, со цел договорите да се доделат на наменски новоформирани фирми; влијание на градоначалници при одредување габарит на одредени објекти при носењето на ДУП-ови; политички несогласувања и пазарења при избор на членови на разни регулаторни тела, судови, совети итн.; непредвидени казнени санкции за таквото однесување во законската регулатива или нивно непроцесирање во надлежните судови. Сметаме дека третиот ешалон не е во можност да одлучува за претходно наведените случаи – велат од ДКСК за „Слободен печат“.

Од Комисијата укажуваат дека согласно законската дефиниција под корупција се подразбира „злоупотреба на функција, јавно овластување, службена должност или положба заради остварување корист, директно или преку посредник, за себе или за друг“.

Во оваа смисла, ДКСК нагласува дека корупцијата не секогаш треба да се поврзе со примање мито, видлива материјална корист или подароци – потенцираат оттаму.

Премиерот Заев пред три дена, коментирајќи ги критиките на Стејт департментот дека корупцијата е најгорлив проблем во земјата, рече дека има корупција, но не и во високите ешалони на власта.

Никаде во највисокиот ешалон, па дури и во вториот ешалон, значи министри, директори, не е препознаена корупција. По сите анализи, нам ни е јасно нивото на корупција на трето ниво, таму каде што граѓаните шалтерски допираат – имотен лист, решение за градба и слично и ќе го промениме тоа. Дури и Стејт департментот ја поздравува дигитализацијата, со која ќе може да се „бајпасира“ тој субјективен фактор, односно административниот работник што е точка на корупција меѓу граѓаните и јавната администрација – рече Заев.

Во извештајот на Стејт департментот беа изнесени критики за селективна борба против корупцијата и беше пофалена работата на ДКСК.

Спроведувањето на законите за борба против корупцијата на моменти беше слабо и селективно насочено кон владините критичари и престапници од низок ранг. Има кредибилни обвинувања за корупција во полицијата, обвинителството, судството и во многу други сектори, пишува, меѓу другото, во извештајот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ  реагираше на ставовите на премиерот, потсетувајќи го на корупциските афери на високите функционери.

Криминалот и корупцијата се во првиот ешалон и тие треба да одговараат и да одат во затвор. Стејт департментот нотира висока корупција во Владата, а Заев негира. Очигледно за Заев не е прв ешалон Ден Дончев, кој го видовме како зема неколку пачки со пари како транша за рекет, Драги Рашковски со набавката на софтвери или Петре Шилегов со набавката на противпожарната скала што беше платена двојно повеќе. За Заев не е прв ешалон ниту криминалот на Боро Марлборо, кој како градоначалник беше фатен како пука по полицајци и како шверцува цигари. А не е ниту криминал ова што се случи со СЈО, со рекетирањето, или она што се случува со нарачките од ЈО и пресудите на судот – рече вчера Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, кој порача дека токму администрацијата, односно третиот ешалон, ќе го симне Заев од власт.

Извор: Слободен печат

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.