Антикорупциската комисија го проширила предметот за набавката на софтверот од страна на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, која во јавноста ја обелодени „360 степени“. Од ДКСК велат дека има и други сомнителни јавни набавки поврзани со овој случај, а сите докази и податоци што ги поседуваат ќе ги достават и до Јавното обвинителство.

Нашите наоди ги проширивме и на други јавни набавки не само за набавката на софтверското решение, на тие кои се поврзани со самиот предмет: камери, сталаци, подвижни кабини, има повеќе јавни набавки, со што износот на средствата кои се потрошени за тие договори е голем. Станува збор за околу 18 милиони денари, дополнително од тие 80 илјади евра – изјави Катица Николовска, член на ДКСК.

Поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски во моментов е во притвор, како и сопственикот на фирмата „Инвока гроуп“, Даниел Станчев.

Државната комисија за спречување корупција најави дека најверојатно ќе испитува дали е доведен во прашање легитимитетот на досегашните електронски полагања испити во државни институции, бидејќи фирмата инволвирана во тендерот со софтверот, „Инвока гроуп“, ги менаџира и државните испити. А Обвинителството ѝ ги заплени компјутерите, па системот за електронско полагање државни испити во моментов е блокиран.

Тука се полагаше за лиценци за возачи, медијатори, вештаци, управители со отпад, царински застапници, негуватели, а во овие простории се спроведуваа и испитите за идни судии и јавни обвинители.

И тој тендер – за државни испити, „Инвока гроуп“ го склучила со Рашковски.

Интересно е што токму просторијата што ја изнајмувала „Инвока гроуп“ на Правниот факултет, во минатото, била неформален кабинет на Драги Рашковски. Како што пишува на влезот, овде бил компјутерскиот центар на факултетот, со кој раководел Рашковски, како идеен творец и воспоставувач на системот за електронско полагање испити и електронско водење на студентските досиеја на Правен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.