Инвеститор на дивоградбата во заштитеното градско јадро на плоштадот Чинар во Охрид е членот на Советот на Општина Охрид, Нефи Усеини, од ДУИ, објавија медиумите. Пред три дена Општина Охрид му даде рок од десет дена на Усеини сам да ги урне металната конструкција и платформата на која е поставена таа оти нема одобрение за нивно поставување. Во решението за уривање инвеститорот е известен дека има право да се жали, но жалбата не го одложува уривањето. Градежната инспекција при увидот констатирала дека на Усеини не му е издадено одобрение за поставување урбана опрема за 2019 година, но нема ниту одобрение за градење на деловите од цврста градба во заштитеното јадро на Охрид.

Усеини тврди дека нема пречка да не му биде легализиран објектот што го гради кај Чинарот, оти го користи со години и уредно ѝ плаќал закуп на Општината.

Дивоградбата кај Чинарот се појави викендот на 9 и 10 март кога градежни работници со багери и хилти ја урнаа старата платформа и почнаа да градат нова. Сите градежни активности беа нелегални, но инспекцијата на терен излезе десет дена подоцна, а решение за уривање издаде пред три дена.

Усеини како советник во Општината истовремено учествува во носењето на одлуките за легализација на градбите и поставување урбана опрема. Советот ја донел одлуката за поставување урбана опрема кај Чинарот во јануари годинава.

Од Општината две недели изјавуваа дека не знаат кој гради на локацијата, а кога открија дека инвеститор е член на Советот, немаа коментар зошто дозволиле службеното лице од Општината да има дивоградба во срцето на чаршијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.