Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Стево Крстевски во изјава за „Фокус“ рекол дека наводите во денешното соопштение од политичката партија Левица не ги смета за обвинувања се додека на тоа, надлежната и одговорната институција во државата, не отвори или спроведе постапка согласно Законот.

Можам да кажам дека во таков случај подготвен сум да ги дадам сите потребни одговори и да ги обезбедам сите докази. Во оваа пригода, сакам да изјавам дека сиот мој имот и имотот на моето семејство е стекнат на легален начин и уредно и навремено пријавен согласно закон до надлежните институции меѓу кои и анкетен лист до ДКСК. Ги охрабрувам надлежните институции кои сметаат дека треба да се заинтересираат за сè погоре што е кажано, да постапат според правилата кои им го наложуваат тоа, за што им стојам на располагање јас лично и институцијата која ја раководам, изјавил Крстевски.

Тој посочил дека ако евентуалната постапка покаже дека не постои никаков прекршок од неговата страна, ќе поднесе тужба.

Во однос на обвинувањата од Левица дека незаконски деградирал мајка на член на Левица која е вработена во Фондот, директорот вели дека тој не се занимава со политика, ниту политичката припадност на вработените во Фондот, а уште помалку за членовите на нивните семејства.

За конкретната вработена , која се споменува, и наводната поврзаност со политичка активност и припадност за нејзин член од семејство дознав, по нејзиното локациско разместување, кога се појави во одредени медиуми. Го потенцирам зборот локациски од причини што не станува збор за никакво деградирање во смисла на промена на решение и работно место, намалување на плата и слично, туку се работи за времено преместување во подрачната служба на Фондот во Скопје, каде поради зголемен број на оправдани отсуства приморани сме во такви случаи да пополнуваме со ресурси од централната служба. Ова е континуирана практика што се спроведува подолг период, а особено кога имаме поголем број заболени од КОВИД-19, вели Крстевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.