Директорот на Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ), Александар Стојанов, во интервју за МИА вели дека апелите да се почитуваат мерките да не се оптерети премногу здравствениот систем и тој да може да одговори на сите барања.

Досега не можевме да ги имплементираме мерките кои ги донесовме уште пред десетина дена поради разни административни пречки и во наредниот период ако не се почитуваат ќе предложиме поригорозни мерки, па и полициски час – вели д-р Стојанов.

Тој бара да се почитуваат мерките, за да не се оптовари здравствениот систем.

Медицинскиот кадар кој работи во лабораториите и останатите во здравствениот сектор никогаш не се доволни, и здравствените работници се разболуваат, имаат разни здравствени проблеми, жените забременуваат, апаратите се расипуваат, се сервисираат и сето ова ја усложнува работата и издавањето на резултатите. Затоа се апелите да се почитуваат мерките да не се оптерети премногу здравствениот систем за да може да одговори на сите барања – вели Стојанов.

Тој потврдува и дека ЦЈЗ останал без тројца вработени.

Во моментот останати сме без двајца епидемиолога и еден микробиолог. Едниот е на боледување веќе подолго време, другиот најде работа во Холандија и колешка е на породилно отсуство. Имаме отсутни и по други основи, но добиваме и помош од други институции, така да ја компензираме работата, со напор. Секоја добронамерна помош е добродојдена, и комисијата е веќе заморена од осуммесечната постојана работа, сите сме и со други професионални задолженија и обврски и добро би ни дошла помош со нови луѓе со нови издржани идеи ако ги имаат – заклучува Стојанов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.