Во описот на работа на директорот на ФИТР не се предвидени надлежности кои од него бараат да креира и учествува во медиумска содржини за промотивни цели. Тој снима интервјуа во квалитетни сетови, а за маркетинг и продукциски активности Фондот потпишал договор од речиси 200.000 евра со две маркетинг агенции: „Бригада Дизајн“ и „Њу Момент“, пишува „ИРЛ.мк“.

Вршителот на должност, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој и потпретседател на СДСМ, Коста Петров, последните два месеца снима промотивни видео интервјуа со млади иноватори, кои потоа ги споделува на социјалните мрежи.

Во текот на декември 2020 година и во јануари годинава, директорот Петров има снимено три интервјуа, од кои две со млади иноватори што добиле финансиска поддршка од Фондот за иновации, а во едно интервју разговара со познат иноватор, кој досега не бил корисник на таква поддршка.

Интервјуата се снимаат во лежерна атмосфера, во позадина стои банерот на Фондот за иновации, а Петров на соговорниците им се обраќа во прво лице.

Се сеќавам дека се запознавме пред пет години и со кој ентузијазам ми зборуваше за идејата за Бреинстер. Во кој момент си кажа себе си, ок, доста беше од ова што сега го работам, сега сакам да започнам нешто свое, нешто ново – го прашува Коста Петров својот соговорник.

Петров досега интервјуираше тројца млади иноватори. Првото интервју беше со Петар Ниновски од „Brainster“, компанија која организира и спроведува едукациски програми за програмирање, маркетинг, дизајн, „software testing“ и „data science“. Вториот разговор беше со Горјан Јовановски од „AirCare“, иноватор на апликација за мерење на квалитетот на воздугот и последното интервју е со Теодора Филовска, основачка на „Вртооток“, која им помага на клиентите преку користењето на најновите трендови во маркетингот, продажбата и рекламирањето да го постигнат својот целосен потенцијал во современото технолошко општество.

ФИТР Интервју“ е нов концепт на #ФИТР со кој ги промовираме докажаните претприемачи, а ги охрабруваме и сите оние кои размислуваат да почнат сопствен стартап бизнис. Проследете инспиративни разговори, споделување на искуства и научени лекции од успешни претприемачи –  пишува Петров на објавата на првото интервју постирано на социјалните мрежи на ФИТР и на неговите приватни профили.

Она што остава впечаток во овој промотивен проект на ФИТР е личниот ангажман на Петров во реализацијата на интервјуата ако се има предвид дека тој како директор има пред се обврски поврзани со раководењето и грижа за работата на Фондот. Во описот на работа на директорот на ФИТР не се превидени такви надлежности, кои од него бараат да учествува директно во создавање на медиумска содржини за промотивни цели.

Во член 34 од Законот ивовативна дејност, каде се дефинирани овластувањата, обврските и одговорностите на директорот, во ниту еден дел како негова надлежност не можат да се вклопат неговите интервјуа со млади иноватори.

Во тој член се вели дека директорот раководи со Фондот, се грижи за редовното работење и предлага разни акти, предлози, планови, програма, одлуки и извештаи на Управниот одбор. Освен тоа, директорот ја организира и координира работата на вработените во Фондот, како и основа комисии и работни тела од негова надлежност.

Директорот на ФИТР, Коста Петров, не гледа ништо спорно во неговиот ангажман како директор во реализацијата на интервјуата со младите иноватори затоа што секој вработен во Фондот има обврска да придонесува за имиџот на институцијата.

Коста Петров објаснува дека целта на правењето на интервјуата, не е да се промовира тој лично како директор, ниту Фондот како институција, која ги потикнува иновативните идеи во земјата, туку самите младите иноватори, кои можат да бидат добар пример за идните генерации.

Ако сакаме да ги задржиме младите во Македонија, успешните приказни можат да бидат позитивен пример и да ги мотивираат да почнат свој бизнис. Овие приказни покажуваат дека ако имате добра идеја, може да се успее и овде – вели Петров за ИРЛ.

Во врска со потрошеното време за реализацијата на интервјуата во услови кога има многу други обврски како директор, тој прво вели дека мал дел од неговото работно време го потрошил на тие интервјуа, а потоа додава дека во суштина тие биле снимени за време на викендите.

Првичната идеја не беше јас да ги направам сите интервјуа, туку јас да ги правам првите, а после да продолжат другите членови на екипата – тврди Петров.

Ако целта на интервјуата не била првенствено да се промовира работата на Фондот и на директорот преку интервјуата на млади иноватори што добиле државна поддршка за нивните иновативни идеи, тогаш е најасно зошто меѓу првите тројца интервјуирани нема ниту еден иноватор, кој досега бил одбиен да добие помош од Фондот за иновации.

Петров на тоа прашање одговара дека за нив веќе имаат смислено менторска програма, која ќе ги обучува како во иднина подобро да ги презентираат нивните иновативни идеи и да ги пополнат нивните апликации, и како полесно да дојдат до средствата од Фондот.

Освен времето на директорот како ресурс за реализацијата на интервјуата, Фондот има поддршка и од две ПР агенции, со кои во септември имаат потпишано рамковна спогодба за една година во вредност од околу 200 илјади евра. „Бригада дизајн“ и „Њу момент“ освен услуги во организирање на јавни настани и рекламирање, треба да испорачуваат и видеопродукција.

Во договорот со маркетинг агенциите пишува и дека тие треба да обезбедат медиумски простор на информативни портали за промотивни активности. Нејасно е дали ова отстапување значи реклама на Фондот или се работи за доброволно отстапување на простор од порталите.

Инаку според член 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се забранува рекламирање во медиуми од државните и јавните институции.

 Државните органи, органите на државната управа, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа, јавните установи и институции како и правните лица со јавни овластувања и трговските друштва во целосна државна сопственост не смеат да предвидуваат средства за информирање и запознавање на јавноста со свои услуги или активности преку приватни радиодифузери – предвидува членот на Заканот на АВМУ.

Инаку, Владата во април организираше своја дебатна емисија со наслов Ковид-19: Прашања и одговори: Се’ за корон авирусот, во која си повика водителка и гости, а во вториот дел од емисијата линковски беа вклучени и новинарите кои сакаа да постават прашања. Новинарите реагираа на овој формат на емисии во продукција на Владата и повеќе не се организираа вакви дебати. Водителката на таа емисија, Елена Митева, неодамна му стана советничка на премиерот Зоран Заев за медиуми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.