Директорката на кумановската болница Снежана Захариева е во самоизолација, меѓутоа нејзиниот резултат од претходно извршено тестирање за Ковид-19 од пред само два дена бил негативен, објави таа на нејзиниот фејсбук-профил. Захариева нагласува дека како дел од општинскиот кризен штаб не била тестирана кога и останатите членови, бидејќи на 10 април добила негативен резултат од претходното тестирање.

Со оглед на тоа што сум дел од Општинскиот кризен штаб и присуствував на седницата во проширен состав, сакам да соопштам јавно неколку работи што се однесуваат и на мојата здравствена состојба и на моето постапување во новонастанатата ситуација. Јас не сум тестирана на КОВИД -19 во ист ден со другите членови на штабот, бидејки два дена пред нивното тестирање, на 10.04.2020 година добив негативен резултат од претходно мое тестирање, објави Захариева.

Пет дена подоцна, пишува директорката, сите вработени во болницата кои биле присутни на работното место испратиле примероци крв во Институтот за имунологија и хумана генетика при Медицинскиот факултет во Скопје.

Мојот резултат официјално, на меил, го добив вчера, во вечерните часови, како и резултатите за поголемиот дел од вработените. Само двајца имаа покачен титар на ИгМ антитела, меѓу нив не сум јас. Овие вработени ќе направат и брис за да се потврди присуство на вирусот. Мојот резултат е со низок титар на ИгМ, немам серолошки знаци за присуство на вирусот, а имам покачен титар на антитела од типот ИгГ. Во извештајот немам препорака за отстранување од работа, но со оглед на тоа што бев во иста просторија во која имаше неколку позитивни членови на штабот, ќе останам дома, во самоизолација. Дали и кога треба да направам тест ќе одредат компетентни лица за оваа проблематика, колегите епидемиолози, пишува Захариева.

Честитајќи им го празникот, посакувајќи брзо закрепнуавње на заболените сограѓани, на кумановскиот градоначалник, членовите на штабот, Захариева нагласува дека работата ќе ја извршува од дома се додека не добие инструкции од епидемиолозите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.