Новата в.д. директорка на Клиничката болница во Битола, Елизабета Ивановска во интервју за МИА најавува дека нема да биде затворено ниту едно одделение во болницата и дека ќе инсистира да се вработи потребниот медицински персонал особено во оние одделенија каде има недостиг.
– Во Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“-Битола нема да се затвори ниту едно одделение и ќе се борам за вработување на персонал со кој непречено би работеле сите одделенија, а таму каде што состојбата е најалармантна, очекувам поддршка од целиот персонал во Болницата и секако од министерот за здравство, вели Ивановска.
Најкритични, како што посочува, се Одделението за педијатрија каде има само три лекари, Одделението за неонатологија кое во моментов работи само со еден лекар, Инфективното одделение кое работи со еден лекар со полно работно време и еден лекар со скратено работно време, а критично е и во Одделението за урологија каде има само еден лекар.
Ивановска, која неодамна беше назначена на оваа функција, посочува дека новата професионална задача за неа е предизвик, посебно што е назначена во време кога, како што вели, здравството не само во Битола, туку и во целата држава, е во многу тешка состојба.
Интервјуто го пренесуваме во целост:
Кој е вашиот приоритет од позиција на прв човек на битолската Клиничка болница?
-На прво место за мене се новите вработувања на медицински кадар како медицински сестри, лекари и болничари, но и технички персонал и администрација. Најкритични се одделението за педијатрија каде има само три лекарки, одделението за неонатологија во моментов работи само со еден лекар, инфективното одделение работи со еден лекар кој има полно работно време и еден лекар со скратено работно време и затоа во ова одделение немаме хоспитални болни, критично е и со одделението за урологија каде има само еден лекар и на дежурства доаѓаат лекари од Прилеп, а за здравствена услуга од Скопје доаѓаат и лекари во одделението за неврохирургија. Сакаме да вработиме повеќе лекари и општи лекари, да ги испратиме на специјализација и исто така сакаме да го отвориме одделението за физикална медицина за хоспитални болни бидејќи одделението за физикална медицина во моментов работи само за терапија, а ако имаме лекари ќе може да работи и физикална медицина.
Каква е состојбата со медицински сестри и болничари?
-Ние знаеме дека лекар преку ноќ неможе да се создаде. Кога лекар се вработува, најнапред се вработуваат како општи лекари, а потоа потребни се 5 до 6 години за нивна специјализација. За медицински сестри ситуацијата е поинаква. Потребни се медицински сестри и болничари за кои не е проблем веднаш да се вработат и во истиот момент да го почнат работниот процес. Но, тоа што се случува значителен број на медицински сестри да заминуваат во странство, тоа е нивна лична одлука, често мотивирана од финансиски причини. Медицински сестри со внатрешна организација, може да се обезбедат како ресурс во болницата, проблемот е што не можеме да обезбедиме болничари, тоа е хендикеп, а и кога објавуваме огласи, мал е интересот за нивно вработување.
Дали во приоритетите се и нови инвестиции за подобрување на условите за работа?
-Моите намери се да се изврши реновирање на дел од болницата таму каде што тоа е најнеопходно, да се донесе нова апаратура и смена на дотраените апарати со нови, и се разбира почнуваме со работа на веќе најавената ангиографска сала во Битола за решавање на акутните инфаркти во нашиот град, но и во околината. Ангиографската сала е нашата најголема инвестиција. Имаме нов апарат и тоа ќе ни овоможи решавање на акутните инфаркти во нашиот град. Досега решавањето на овој проблем се вршеше со транспорт до кардиологија во скопската клиника или во Охрид, за да се направи коронографија и доколку е потребно да се стави стент со цел пациентот нормално да продолжи со својот живот. Со оваа инвестиција се ќе почнува и завршува во Битола. Исто така, планираме реновирање на дел од одделенијата кои се најоштетени од земјотресот во Битола, пред се интерно одделение, нервно и психијатрија.
Функцијата директорка ја презедовте во период на два немили настани во болницата, смртта на малата Јана и на едно новороденче. Дали има институционално решение?
-Ние до овој момент немаме ниту еден официјален извештај. Обдукцијата за Јана е завршена и предадена во Обвинителството и тука неможе ништо да се прави ниту каже се додека Обвинителството не излезе со конкретен резултат, додека за вториот случај обдукцијата не е завршена и ние очекуваме службени информации. Во меѓувреме продолжуваме со сите професионални обврски. Клиничката болница пружа здравствени услуги на пациенти од цел регион, не само од Битола туку и од Крушево, Демир Хисар, Охрид, Ресен, Кичево… преоптоварена е дијагностиката, лекарите се преоптоварени. Понекогаш се случува подолго време да се читаат резултати од дијагностика, но одделението за ренгенологија каде се врши дијагностика за мамографија, декса, ехо на колкчиња кај бебиња, ехо на возрасни… има многу обврски и потребно е трпение и разбирање од пациентите. Секој лекар со најголемо внимание и грижа пристапува кон пациентите или ако сакате, нема лекар кој со умисла би направил нешто против пациентите, напротив и во вакви услови тие максимално се ангажираат. Затоа потребно е лекарите да работат без психолошки притисок, да не се случуваат, а се случуваат, вербални закани, недолични дофрлања, некои лица колнат, вулгаризираат, непристојно се однесуваат…и тоа негативно влијае врз работата на медицинскиот персонал.
Во ЈЗУ Клиничка болница „д-р Трифун Пановски“-Битола има 17 одделенија, со 640 вработени лица, а само до пред една година биле 930?
-Бројот на вработени е намален за околу 300 професионалци, а старосната структура и натаму е висока, и за краток период по основ на пензионирање ќе има одлив на лекари, технички персонал и администрација. Тоа уште повеќе, и негативно ќе влијае врз нашите капацитети. Ова е време на смена на генерации и затоа не се сомневаме во поддршката на министерот и Министерството за здравство. Во меѓувреме, апелирам до целата јавност за поголема почит кон лекарската фела и белиот мантил во кој што спаѓаат лекарите и медицинските сестри, за да ги оставиме да работаат одговорно и совесно како што впрочем секогаш работаат, но без психички притисок, бидејќи така ќе имаат позитивни резултати, задоволни пациенти, и секако ќе нема немили настани. Прифатив да бидам директорка затоа што сакам да се подобрат состојбите во битолското здравство
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.