„Бехтел и Енка“ се понуди, а Владата прифати – американско-турскиот конзорциум целосно да ги проектира и изгради коридорите 8 и 10. Формално, сепак, досега е потпишан само Меморандум, чин на кој присуствуваше и амбасадорката на САД, Кејт Брнз, објави „360 Степени“.

Како што пишува „350 Степени“, меморандумот за разбирање што Владата го потпиша со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за соработка за проектна подготовка и изградба на автопатските делници Тетово-Гостивар-Букојчани и Требеништа-Струга-Ќафасан од Коридорот 8, како и изградба на автопатската делница Прилеп-Битола од Коридорот 10, не е јавно достапен. Тече законскиот рок до кога Владата треба да ни го достави по Законот за слободен пристап до информации.

Од Центарот за граѓански комуникации предупредуваат дека ексклузивните преговори со само една фирма за крупни инфраструктурни проекти носи сериозни корупциски ризици. Министерот за транспорт Благој Бочварски, пак, уверува дека ќе се заштити интересот на државата.

Она што го нуди компанијата „Бехтел и Енка“ е „клуч на рака“, односно и проектирање и изведба на автопатите Тетово-Гостивар-Букојчани, Требеништа-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола. Ништо проблематично, сè додека не се дојде до формирањето на цената.

Бидејќи нема тендер, ќе има само една понуда на „Бехтел и Енка“, за што Владата директно ќе преговара. Ако се постигне согласност, на крај зделката треба да се аминува и со посебен закон во Собранието.

Не постои ниту еден валиден аргумент кој би го оправдал ова грубо заобиколување на Законот за јавни набавки, вели Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации.

Факиќ се залага за доследна примена на Законот за јавни набавки. Таа уште на самиот почеток ја предупредува Владата, потпишаниот меморандум да го тргне настрана и за вакви крупни инфраструктурни проекти да обезбеди фер натпревар на пазарот.

Апсолутно сум сигурна дека единственото законско решение кое стои пред Владата е всушност објавување на меѓународен оглас За изградба на автопатските делници и се разбира дека во тој случај тендерската и проектната документација треба да ја изготви стручен тим кој ќе го ангажира самата Влада на Република Македонија, а секако не изведувачот. Бидејќи изведувачот, се разбира дека го штити и негово право е да го штити својот личен интерес, а нашата Влада има одговорност да го штити нашиот, односно јавниот интерес на оваа држава. Во спротивно постојат сериозни корупциски ризици, доколку натаму процесот се води на овој нетранспарентен начин, низ директни преговарања, ексклузивно, со само една фирма, предупредува Факиќ.

Целиот текст тука

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.