Министерот за внатрешни работи на техничката влада Наќе Чулев одлучи кои началнички позиции ќе бидат сменети во неговиот мандат до одржување на изборите. Законот дозволува Чулев да направи 15 нови назначувања на челни позиции на сектори, оддели и единици, за кои решенијата се веќе изготвени. Според информациите на Алфа, нови началници ќе има во секторите за внатрешни работи на Скопје, Велес, Битола, Струмица, Штип и Охрид. Нов началник Чулев ќе назначи и на Одделот за организиран и сериозен криминал, Внатрешната контрола, на Одделот за специјални полициски операции, како и на Единицата за интервентна полиција и Единицата за специјални задачи „Тигар“.

Според законот за техничка влада, сега актуелните началници ќе станат заменски на новоназначените, а потписите ќе им бидат врзани односно одлуки нема да можат да носат без взаемна согласност.

Законот дозволува министерот Чулев да изврши и хоризонтални распоредувања на вработените кои се на негов предлог во бројката до 10 отсот од бројот на хоризонтални распоредувања базирани на просекот на овие распоредувања во 2013 и 2014 година.

Чулев на министерската позиција е од вчера, тој најави и ревизија на сите нови решенија што неговиот претходник набрзина и во голем број ги додели пред изборот на новата техничка влада.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.